Цените на патувањата е различна и зависи од деновите на престој. Тие се движат од околу 170 евра за дводневен престој на Златибор во Србија до 1990 евра за Колумбија и 1.430 евра за Занзибар за престој од 12 дена.
Вестите за ширењето на омикронот не ги премислија граѓаните во намерата Новата година да ја дочекаат на патување во странство. Туристичките агенции велат дека иако годинава бројот на оние кои патуваат за претстојните празници е помал од минатите години, сепак ги има. Главно се патува надвор од европските земји кои се затворија поради омикронот. Граѓаните кои патуваат велат дека се преморени од ковидкризата и сакаат да поминат некој ден во убава атмосфера.
Се патува во регионот, Србија, Црна Гора, БиХ, Турција и Грција, но и во Египет, Мексико, Занзибар и на други егзотични дестинации. Цените на патувањата се различни и зависат од бројот на деновите на престој. Тие се движат од околу 170 евра за дводневен престој на Златибор во Србија, до 1990 евра за Колумбија и 1.430 евра за Занзибар за престој од 12 дена.
Андреј Сирачевски од „Аурора Турс“ вели дека годинава е мал интересот за патување само за дочек на Нова година, но се патува и покрај ковид-19.
– Имаме помал интерес, но со оглед на тоа дека со текот на годините граѓаните го намалуваа патувањето за Нова година, бројките се очекувани. Се прават тури според интересот на граѓаните. Годинава веќе никој не се интересира за земјите од ЕУ. Скоро и да немаме патувања за Париз, Рим, Виена, но затоа Турција и Египет се интересни за нашите сограѓани. Има интерес и за поединечни патувања во африкански земји и на поегзотични дестинации, но се во помала бројка од порано – вели Сирачевски.
Тој додава дека во земјите каде што се патува има јасни протоколи.
– За сите патувања однапред се познати протоколите во земјата на патување. Во Африка, на пример, сите мислат дека е небезбедно да се патува, но таму има јасни протоколи и не се дозволени патувања од африканските земјите каде што има ковид-19. Ако патувате во Занзибар секако сте безбедни. Сепак, зависи од тоа дали некој сака да патува. Иста е состојбата и во другите земји каде што праќаме наши сограѓани на одмор или кратко патување – вели Сирачевски.
И од туристичките агенции од градовите надвор од Скопје велат дека има граѓани кои патуваат за Нова година.
– Имаме новогодишни тури, патуваат граѓаните, но во однос на претходните години нивниот број е помал – велат од агенцијата „Атлантик Турс“ од Кавадарци.
Оваа агенција за Нова година има дводневни аранжмани за Турција, Србија, Црна Гора и БиХ.
Туристичките работници велат дека трендот на опаѓање на патувањата поврзани со дочек на Нова година трае веќе неколку години.
– Овој тренд го имаме од порано и е резултат на цените и секако можноста да се користи годишниот одмор кога се сака. Нашите програми се прават скоро за сите сезони и граѓаните можат да прават избор на време кога ќе патуваат – вели Сирачевски.
Граѓаните кои патуваат велат дека се преморени од рестрикциите и сакаат малку да се опуштат. Некои во регионот, но некои подалеку, зависно од тоа со колкав буџет располагаат.
– Јас сум човек кој не пропушташе патување во изминатиот период. Лани не патував поради пандемијата. Не дека се исплашив од болеста, туку од неизвесноста дали упатеното патување ќе се реализира. Сепак, годинава одлучив со семејството да поминам неколку дена во Мароко. Многу имам слушано и читано за оваа земја и сакам да ја видам. Секако овие зимски денови таму е и потопло – вели Марко Н. од Скопје.
Дел од граѓаните се одлучија за српските планински центри.
– Да, одам на Златибор. Покрај дочекот на 2022 година ќе скијам неколку дена. Се одлучив за Србија бидејќи е блиску и при најава на затворање на границите можам брзо и да се вратам – шеговито вели скопјанката Марија Г.
Најголемиот дел од граѓаните според анкетите направени деновиве ќе останат во земјава, а новата година ќе ја дочекаат во некој од домашните туристички центри, во локалите или дома.