На оние што за новогодишните празници ќе патуваат во земјите од регионот, за влез ќе им биде потребна потврда за вакцинација, со две дози вакцина, потврда за прележан ковид-19, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или брз антигенски тест не постар од 48 часа.
Со појавата на новиот вид коронавирусот - омикрон, дел од балканските земји воведуваат построги мерки за влез на странски државјани. Еве каде и како ќе можат да патуваат македонските државјани за претстојните празници.
Во Грција задолжителен тест за сите
Меѓу првите со построги мерки е Грција, каде што од овој викенд до 10 јануари ќе важат нови правила за влез во земјата, односно сите што ќе патуваат таму, на возраст над пет години, ќе треба да имаат негативен ПЦР-тест направен 72 часа порано или брз антигенски тест - 24 часа пред патувањето и пополнет ПЛФ-формулар. Овие мерки Грција ги најави уште пред десетина дена, кога оттаму кажаа дека негативен тест непосредно пред патувањето ќе треба да имаат не само оние што се невакцинирани, туку и оние што се вакцинирани и што претходно ја прележале болеста.
Невакцинираните и оние што не ја прележале болеста, а доаѓаат од 16. земји наведени подолу, меѓу кои и од Македонија, задолжително ќе бидат тестирани при влез во Грција, а тоа и претходно се применуваше.
Според оваа одлука, за патниците што влегуваат во Грција од Египет, Албанија, Аргентина, Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција, услов за влез е негативен резултат од задолжително тестирање со ПЦР или брз антигенски тест на влезните точки во земјата. Задолжително тестирање со ПЦР-тест не е предвидено за патниците што се вакцинирани, при што се поминати две недели од примањето на втората доза или оние што прележале и имаат потврда што важи 30 дена по првиот позитивен резултат, а најмногу до 90 дена.
За влез во Србија - ковид-потврди или негативни тестови
Негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа и негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа, потврда за целосна вакцинација или потврда за прележан ковид-19, а од првиот позитивен резултат да не се поминати помалку од 14 дена, а не повеќе од шест месеци, или дигитален ЕУ-сертификат се бара за влез во Србија. Сите патници што ги поседуваат овие документи не подлежат на карантин.
Според информациите од Министерството за надворешни работи на Србија, овие ограничувања не важат за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Унгарија, Македонија и Црна Гора. Лицата што не се државјани на овие земји, а имаат одобрение за привремен престој или трајно населување во овие земји, по влезот во Србија во рок од 48 часа ќе треба да обезбедат негативен ПЦР или антигенски тест од референтна лабораторија во Србија.
На граѓаните на Словенија кои имаат потврда за прележан ковид-19, а од првиот позитивен резултат не се поминати повеќе од 180 дена, и кои првата доза од вакцината ја примиле најдоцна осум месеци по инфекцијата, им е дозволен влез во Србија. За децата помали од 15 години не е потребен карантин или негативен ПЦР-тест доколку патуваат со членови на семејството.
Вакцинирани, прележани, прележани со бустер-доза и лица со негативен ПЦР или брз антигенски тест ќе можат да патуваат во Хрватска
Туристите што патуваат во Хрватска за новогодишните празници и имаат потврда за туристичко сместување ќе треба да имаат и негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, или негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа. Во Хрватска ќе може да влезат лицата што имаат потврда за вакцинација со една од вакцините што се користат во ЕУ или се одобрени од СЗО и не е постара од една година, како и оние што имаат потврда дека ја прележале болеста и примена една доза вакцина во рок од осум месеци од моментот на инфекцијата. Во оваа земја ќе може да влезат и оние што имаат потврда дека ја прележале болеста, со не помалку од 11 дена од првиот позитивен тест, а не повеќе од 270 дена. Другите подлежат на мерки за изолација и карантин. Ова не важи за деца помали од 12 години кои патуваат во придружба на еден од родителите.
Вакцинирани, прележани и лица со негативен тест ќе може да влезат во Црна Гора
Странски државјани ќе може да влезат во Црна Гора со потврда за примени две дози на вакцина или со една ако вакцината се дава во една доза, и тоа да се поминати две недели од последната вакцинација. Во Црна Гора може да влезат без задржување во карантин лица кои поседуваат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест кој не е постар од 48 часа. Лицата со потврда за прележан ковид-19, а од првиот позитивен ПЦР-тест не се поминати помалку од 14 дена, а не е постар од 180 дена, исто така ќе може да влезат во земјата.
Здравствените власти во Црна Гора најавија дека ќе бидат откажани сите јавни собири за новогодишните празници поради појавата на омикрон.
Во Словенија со потврда за вакцинација, негативен ПЦР или брз тест
За патување во Словенија потребен е негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа или брз тест не постар од 48 часа. Во Словенија може да се влезе и со потврда за вакцинација, и тоа лица кои примиле две дози од вакцините што се употребуваат во Европската Унија, или примиле засилувачка бустер-доза. Оние што ја прележале болеста ќе може да патуваат ако имаат потврда, а од првиот позитивен тест не се поминати помалку од 10 дена, а повеќе од шест месеци. Во Словенија може да се патува и ако лицето поседува потврда за прележан ковид-19 не постара од 180 дена, а во меѓувреме примило и вакцина како бустер-доза.
Според информациите од Министерството за надворешни работи, потврдите за прележан ковид-19 издадени од Македонија не се признаваат.
Потврдите за негативен ПЦР и антигенски тест издадени од лаборатории во Македонија се признаваат во Словенија доколку одговараат во делот на тестовите направени во референтни лаборатории во земјите од Унијата.
За Турција само со негативен ПЦР-тест
За влез во Турција за сите патници што доаѓаат по авионски, поморски или копнен пат, потребен е негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Ова важи за сите патници постари од шест години. Исклучок од ова се авионски екипаж, професионални возачи и патници во авионски транзит.
Задолжителен брз тест за сите што влегуваат во Кипар, освен оние со трета бустер-доза
За влез во Кипар од овој месец е воведен задолжителен брз тест, со исклучок на оние што примиле трета бустер-доза. Само вакцинирани може да присуствуваат на прослави, а сите што пристигнуваат на островот во рок од 72 часа задолжително ќе треба да направат брз тест. Ограничувања нема за оние што се целосно вакцинирани или ја прележале болеста во последните шест месеци. Во септември Кипар ја тргна Македонија од црвената зона на земји каде што постои висок ризик од ковид-19, но засега таа е во сивата зона, каде што за влез во земјата е потребно специјално одобрение.
Потврда за вакцинација или за прележан ковид-19, негативен ПЦР или антигенски тест за Босна и Херцеговина
За влез во Босна и Херцеговина, потребен е негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или брз антигенски тест не постар од 48 часа, или потврда за вакцинација, а од последната доза да се поминати 14 дена, или потврда за прележан ковид-19, но од првиот позитивен тест да не се поминати помалку од 14 дена, а не повеќе од 180 дена. Ова не важи за деца помали од седум години.
Во Косово од јануари само со потврда за целосна вакцинација
Потврда за комплетна вакцинација со две дози против ковид-19, потврда за вакцинација со една доза од вакцината не постара од четири недели заедно со негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа или потврда за вакцинација со една доза вакцина заедно со потврда за прележана болест, до 21 ден од првиот позитивен ПЦР-тест и не повеќе од 180 дена, за влез во Косово.
Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Косово, од 3 јануари следната година за влез во земјата ќе се признава само потврдата за целосна вакцинација. Граѓани на Косово или лица со привремен или постојан престој на Косово, кои се невакцинирани, при влез во земјата ќе може да се вакцинираат на еден од вакциналните пунктови. Овие ограничувања не важат за патници што влегуваат и излегуваат од Косово со авионски или со организиран автобуски и меѓународен превоз, а не се задржуваат подолго во земјата, за деца под дванаесетгодишна возраст, странски дипломати или за лица за кои има медицински доказ дека не може да се вакцинираат.
Според информациите на македонското Министерство за надворешни работи, за граѓаните на Македонија не се воведуваат посебни марки.
Потврда за вакцинација или за прележан ковид-19, негативен ПЦР или антигенски тест за Албанија
Потврда за целосна вакцинација против ковид-19, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа, потврда за прележаност на болеста во последните шест месеци, се потребни за влез во Албанија. Овие потврди треба да ги имаат сите што се на возраст над шест години. Вакви потврди треба да имаат и оние што транзитираат преку Албанија. Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на оваа земја, на сите лица што немаат ваква потврда не може да им се гарантира влез во земјата.
Македонија не е веќе „ризична“ за Германија
Германија повеќе не ја смета Македонија за ковид-ризична област. Со најновата одлука на германските власти, им се дозволува неограничен влез на сите државјани на Македонија. Сепак, сите лица над 12 години што пристигнуваат во Германија, без разлика со кој вид транспорт, и понатаму ќе треба да приложат потврда за негативен тест или потврда за прележан ковид-19 или потврда за целосна вакцинација.
За влез во Австрија нема карантин за вакцинирани, за лица што прележале ковид-19 и имаат негативен ПЦР-тест
Од 20 декември оваа година во Австрија може да влезат лица со сертификати за целосна вакцинација против ковид-19 или за прележана болест, не постари од 6 месеци, заедно со негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, или доказ за примена бустер-доза. Во овие случаи не се определува мерка карантин. Доколку не се приложи негативен тест, неопходно е да се изврши регистрација и веднаш по пристигнувањето во земјата да се влезе во карантин. Излез од карантинот е возможен само со негативен тест. За малолетни лица до 12 години кои патуваат под надзор на едно возрасно лице не важи обврската за поседување доказ.
Исклучок од овие ограничувања се лицата што не може да се вакцинираат поради здравствени причини, бремени жени, лица кои се членови на дипломатски конзуларни претставништва и меѓународни организации. Овие правила ќе важат до крајот на следната година.