Во Македонија има одредени показатели што велат дека населението на нашата земја пополека се свртува и се враќа кон животот на село. Ваквите појави, иако сѐ уште не се од масовен карактер, сепак сигнализираат некаков почеток на вртење на внатрешното миграциско тркало во обратна насока.
Имено, во минатите години и децении масовно се напуштаа македонските села и луѓето бегаа во градовите. Најнов показател за тоа се и последните податоци на Државниот завод за статистика, во кои се вели дека во Скопскиот Регион, кој е најпривлечен за мигрирање, од град во село заминале да живеат 64 лица.
Во светло на актуелните случувања за обележување е и фактот дека многу од селата во Македонија сѐ уште немаат најсоодветни инфраструктурни услови за квалитетно живеење, како на пример немаат пристап до канализациска мрежа, вода или струја, немаат асфалтирани патишта итн. Некаде се проблем и врските со градот, можностите за образование, пристапот до здравестевни установи итн.
Но и покрај тоа, атрактивноста и привлечноста на селските населби во последно време се зголемуваат, за што веројатно своја улога има и високата загаденост на воздухот во градовите, како и ширењето на пандемијата на ковид-19, при што најпогодено е токму населението во градовите. Сето тоа придонесува селото повторно да стане привлечна дестинација за живеење.
Во селата, како Стенче, Блаце во Волковијата и слично, во последно време луѓето се враќаат и ги реновираат и адаптираат запуштените стари куќи, кои сега се преадаптираат. Луѓето заминуваат кон селата за да живеат поздраво и да се занимаваат со земјоделство. Доселувањето од град во село носи многу позитивни промени. Сето ова влијае на свеста на луѓето за доселување во ова село. Исто така интересно е што и тие што се во странство, да речеме третата генерација на печалбари, имаат желба да градат куќи тука. Тие годишно доаѓаат тука по неколкупати, инвестираат во имот, куќи, фирми. Сето ова охрабрува и затоа ние треба да најдеме сила со поддршка на централната власт да можеме и ние да градиме културни домови и сѐ друго што има во градовите .
Извор: zelenaberza.com.mk