Живееме во едно современо време, време на технологија каде што скоро во секој дом можеме да забележиме употреба на паметни уреди, телефони, таблети и сл. Меѓутоа овој пат имаме можност тие уреди да ги примениме на поинаков начин кој ќе им помогне на лицата со потешкотии во говор и комуникација да можат да комуницираат со своето блиско опкружување. За таа цел се локализира на македонски и албански бесплатната апликација Cboard.
Вака Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ ја објаснува потребата за Cboard, апликација која неодамна беше претставена и на вебинар за „Алтернативна и аугументивна комуникација“, дел од проектот „Инклузија на деца со попречечност во предучилишно образование“.
„Со самата примена ќе се олесни вклучувањето на лицето кое има говорна тешкотија во сите сфери на општеството. Со самото ова се прави олеснување и на слушателот на корисникот не зависно дали станува збор за член од семејство, наставник, вработени лица во одредени институции, маркети молови и сл“, посочуваат од Здружението.
Всушност, велат тие, апликацијата е еден вид на комуникациска табла и преку употребата на синтетизираниот говор корисниците полесно ќе можат да се изразат и да споделат кои се нивните моментални потреби, желби, интереси или пак активности.
„Самата апликација има поддршка на 33 јазици меѓу кои и на македонски и албански јазик и е составена од слики и симболи, кои откако ќе се допрат на екранот значењето на симболот ќе биде изговорено. Исто така апликацијата нуди можност со одбирање на правилен начин да се создаде проста реченица која ќе овозможи комуникација во средината. Корисникот апликацијата може да ја користи постојано на својот паметен телефон или таблет без употреба на интернет“, објаснуваат од „Отворете ги прозорците“.
Апликацијата може да се прилагоди во однос на полот на корисникот, па така гласот што ќе се слуша може да биде од женски или машки пол. Постојат и дополнителни прилагодувања во однос на висина на гласот и брзина на гласот.
„Во самите табли може да се направат папки кои ќе се именуваат со различни теми како на пр.: храна, пијалаци, спорт, време и сл. и во истите овие папки да се постават симболи или реални слики кои ќе му помагаат на корисникот во секојдневните активности. Апликацијата на македонски јазик досега има околу 3.000 симболи и нема ограничување во однос на бројот на симболите. Корисниците можат самостојно да креираат симболи и да ги поставуваат во оваа апликација“, велат од Здружението.
Cboard може да се симне од Playstore (бесплатно) за сите андроид телефони, а оние кои користат iOS телефони можат да ја користат апликацијата преку Safari (бесплатно).
извор: radiomof.mk