Најавено зголемување на пензиите, но се уште не се знае моделот за да се процени товарот врз пензискиот фонд
За почетокот на март е договорена нова средба на владини претставници и Здруженијата на пензионери за менување на методологијата за усогласување и пораст на пензиите со цел да се изнајде модел кој ќе овозможи одржливо решение на долг рок. На првата средба во февруари беше договорено дека е потребна промена со цел пензиите да можат да растат, но, не беше прецизирано колкав би бил порастот и како би се дошло до него. Затоа сега не може да се процени товарот што порастот на пензиите би го направил врз пензискиот фонд. Властите се децидни дека тој е стабилен и оти нема да се одлучат за модел кој за година, две би го преоптоварил, но, експертите апелираат на внимателност, за да не се влоши неговата финсиска ликвидност по стабилизацијата по последните реформи.
Од Министерството за труд и социјална политика за МИА велат дека по одржаната прва средба со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери, биле дадени неколку предлози за промени во методологијата за усогласување на пензиите и оти анализата е во тек.
-Анализата на дадените предлози која се врши од страна на економските ресори на Владата е во тек и очекуваме наскоро да се одржи повторна средба на која ќе бидат презентирани проекциите на предлозите од двете страни. Целта на сите засегнати страни во дијалогот е да дојдеме до најиздржаното решение кое ќе донесе раст на пензиите на долг рок, нагласуваат од МТСП.
Во моментов, според последните податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија од јануари 2022 во земјава има вкупно 326.841 корисник на пензија. Од нив старосна пензија добиваат 220.831 корисник, семејна пензија 75.249 корисници, инвалидска пензија 29.736 корисници, воена 952 и земјоделска пензија 37 лица.
Според податоците од Фондот, највисока пензија во моментов изнесува 59.674 денари, а најниската пензија е 10.791 денари. Најголем број 20.809 корисници на пензија земаат од 20.000 до 22.000 денари.
Бенефит од зголемувањето на пензиите треба да имаат 328 илјади пензионери.