Spotify за првпат го претстави својот достапен автомобилски музички уред, наречен Car Thing, за ограничен број на Premium корисници минатиот октомври и наводно имале листа на чекање за повеќе од два милиони заинтересирани купувачи. Сега, стриминг платформата го лансираше овој уред на пазарот, кој е прв хардвер на шведската компанија.
Car Thing им овозможува на корисниците да го користат Spotify за слушање музика додека се во својот автомобил без да гледаат во нивните телефони. Уредот се закачува на контролната табла во внатрешноста на возилото и се напојува преку 12 V адаптер, а се конектира со паметните телефони преку Bluetooth и до аудио системот на автомобилите со екстерен кабел како USB или AUX.
Слушателите можат да управуваат со уредот преку „Hey Spotify“ гласовната команда, по што ќе можат да ја изберат музиката која сакаат да ја слушаат. Car Thing исто така има и ротационо копче како главна команда за прелистување преку колекцијата на песни и 4-инчен екран на допир.
Spotify велат дека за време на истражувачката фаза на Car Thing, дознале дека корисниците повеќе го слушале Spotify во автомобилите отколку порано. Стриминг платформата добила повратни информации за карактеристиките кои ги преферираат корисниците, како што е затемнет ноќен режим на работа и командата „Add to Queue“, на кои веќе работи за нивно идно вклучување во уредот преку понатамошни ажурирања.
Car Thing е веќе достапен за купување за 89.99 долари на веб-сајтот на Spotify. За уредот ви е потребен Spotify Premium план за претплата и телефон со конекција до интернет.