Услужната, туристичко-угостителската комора и комората на сметководители излегоа од ССК, а од градежната комора најавија дека го замрзнуваат своето членство, и во иднина ќе делуваат самостојно.
Причините поради кои коморите се одлучија на ваков чекор е како што велат притисоци и закани за давање доброволни оставки, нелегитимни собранија и избор на нови раководства, како и исклучување на компаниите од коморите.
Во дописот до медиумите од Комората на сметководителите се вели:
-Во изминатите неколку месеци од страна на нелегитимно избрано раководство на Сојузот на стопански комори и самопрогласениот претседател Трајан Ангеловски беше целосно окупирана работата на Сојузот и службите, со што беше оневозможено непреченото функционирање на Комората на сметководители.
Дополнително, спротивно на сите законски и статутарни одлуки Ангеловски самоиницијативно донесе одлука за исклучување на компаниите членки на дел од раководството, вклучително и на претседателот на комората, Драган Митковски, со цел негово присилно менување и назначување на лица блиски до Ангеловски. Сојузот на стопански комори претставува здружение кое обединува повеќе автономни комори и НЕМА ПРАВО да исклучува фирми членки на истите или да одлучува за промена на раководството во истите.
Злоупотребувајќи ги документите и списоците со кои располагаат службите, Ангеловски ги замајува компаниите членки доставувајќи им лажни информации за исполнување на сопствените лични интереси.
Поучени од претходно свикани нелегитимни Собранија на други комори членки на Сојузот, за насилно менување на раководството и обид на нивно незаконско запишување во Централен регистар и загрижени за сопствената безбедност поради претходно упатените закани од страна на нелегитимниот претседател на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангеловски, а со цел зачувување на интегритетот на Комората на сметководители, Собранието на Комората денес донесе Одлука за ИСТАПУВАЊЕ на Стопанска комора – Комора на сметководители на Македонија Скопје од Сојуз на Стопански комори на Македонија – Стопанска Интерна Заедница – Скопје.
Со слични соопштенија излегоа и останатите три комори..