За 20-тина проценти се поскапени цените во хотелско-угостителскиот сектор. Трендот на поскапување ќе продолжи и во следните месеци. Туристичките работници стравуваат дека повисоките цени ќе придонесат за помал број на гости, бидејќи цената е пресудна за организирање на летните одмори…
За 20-тина проценти пораснаа цените на хотелските и угостителските услуги. Според хотелската асоцијација тоа се должи на трендот на пораст на цените на сите производи и зголемените трошоци.
Поскапени се аранжманите, храната и пијалаците во локалите, а тоа ќе продолжи доколку и во следните месеци растат цените на основните производи.
„Тешко е отсега да дадеме цени со тоа што цените на се одат нагоре. Енергијата оди нагоре, прехраната оди нагоре, платата оди нагоре. Основните три артикли кои го прават нашиот производ одат нагоре нормално е дека и цената на производот оди нагоре“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Притисокот од порастот на трошоците е неизбежен, велат од ХОТАМ. Туристичкиот сектор стравува дека поскапувањето ќе придонесе за помал број на гости, бидејќи цената е пресудна за организирање на летните одмори.
„Стравувам дека ќе имаме уште една сезона каде ќе бидеме со домашни гости, кои нема да бидат оваа година исто како минатите две години затоа што веќе се финансиски многу повредени и покачувањето на платите не донесува позитивни влијанија затоа што сѐ е поскапено два до три пати повеќе“, додава Блажески.
Дополнителен товар врз туристичкиот сектор е енергетската криза и порастот на цената на електричната енергија. Хотелската асоцијација и Независната угостителска комора од ноември минатата година бараат финансиска поддршка од државата за надминување на кризата.