Општина Центар формира кризен штаб за координација и поддршка на пожарникарите кои го гаснат пожарот што избувна попладнево во кругот на фабрикта „Треска“.
– Во моментов екипите на противпожарна служба со шест возила се на терен, поддржани од МВР и се борат со големиот пожар кој зафати дел објектите во „Треска“. Екипите на Општина Центар се упатија натаму да дадат поддршка на пожарникарите. Општина Центар формира кризен штаб за координација и поддршка на акцијата, напиша попладнево градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на „Фејсбук“.
Поради настанатиот метеж, тој апелира граѓаните ако можат да го заобиколуваат овој дел од градот.
Досега нема пријава за повредени лица во пожарот што избувна попладнево во кругот на фабриката „Треска“, велат од МВР за МИА.
Полициски екипи се на терен, сообраќајот се пренасочува, а се врши и евакуација на жителите од околните станбени објекти.
Од ЦУК информираа дека гори магацин во кругот на поранешната фабрика „Треска“. Огнот зафатил и пластични материјали, дрва, грмушки и отпад, што го предизвикува густиот црн чад во центарот на Скопје.