Централноафриканската Република (ЦАР) го прифати биткоинот како законско средство за плаќање, соопшти денеска претседателскиот кабинет. Ова е втора земја по Ел Салвадор која се одлучува на ваков чекор.
Пратениците едногласно усвоија нацрт-закон со кој биткоинот се претвора во законско средство за плаќање заедно со централноафриканскиот франк ЦФА и ја легализира употребата на криптовалути, а претседателот Фостен Арканџ Туадера ја потпиша мерката како закон, соопшти шефот на неговиот кабинет Обед Намсио.
– Централноафриканската Република е првата земја во Африка која го усвои биткоинот како законско средство за плаќање. Овој чекор ја става Централноафриканската Република на мапата на најхрабрите и најдалекувидните земји во светот – рече Намсио.
Салвадор стана првата земја во светот која го усвои биткоинот на 7 септември минатата година.