Ширењето на коронавирусот влијаеше и на индивидуалното и на колективното однесување на луѓето. Но сега, по динамичниот тренд на намалување на ширењето на заразата и намалување на бројот на заразени и заболени, сѐ повеќе се чувствуваат раздвиженост и оптимизам кај луѓето. Колку е тој основан и ако трендот продолжи така, колкав период ќе биде потребен за граѓаните да се вратат на вообичаената дневна динамика, која ја имале пред појавата на пандемијата?
По две години од појавата на коронавирусот, граѓаните во Македонија можеа да ги поминат велигденските празници без посложени здравствени протоколи за заштита од ширење на коронавирусот. Со континуираниот пад на бројот на заболени лица, здравствените власти во земјава ги донесоа ковид-мерките, со кои меѓу другото се укинува носењето маски на затворено. Ова значеше дека се укинува мерката за задолжително носење маски во затворени простории, освен во здравствени домови, аптеки, јавни превозни средства (автобус, воз, авион, такси), установи за згрижување стари лица и лица со посебни потреби, а учениците од средните училишта да следат настава со физичко присуство без задолжително носење заштитни маски.
Исто така, се укинува забраната за организирање екскурзии и настава во природа во основните и во средните училишта. Дополнително беа прифатени препораките со кои престанува да важи обврската за домашните и за странските државјани што влегуваат во нашата земја на граничниот премин задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација или за прележан ковид-19 во последните 180 дена. Олеснувањето на режимот на движење беше прифатен со големо одобрување од граѓаните, кои во изминатиот период мораа да бидат претпазливи во комуникацијата со другите лица.
Меѓутоа, за издвојување е дека ширењето на коронавирусот дефинитивно влијаеше на колективното однесување на луѓето. Според истражувачите, на граѓаните ќе им биде потребен период од неколку месеци да се вратат на вообичаената дневна динамика, која ја имале пред појавата на пандемијата, велат некои од социолозите со кои разговаравме.
"Со еден збор имаме отворање кон заедницата. Во наредниот период очекувам да се вратиме брзо на вообичаените навики, кои постоеја пред појавата на коронавирусот, но со мала доза на резерва, во смисла дека понекогаш ќе нѐ потсетува на некоја можна опасност како коронавирусот. Но тоа нема значајно да го измести нашето однесување и луѓето ќе се вратат на своите вообичаени текови од животот. Зашто, со или без коронавирусот, нашите секојдневни проблеми остануваат и тие мора да се надминуваат" – изјави Ѓорѓи Тоновски, социолог.
Отуѓувањето под влијание на пандемијата, најголема болка
Ковид-19 внесе страв кај многу луѓе, а некои од нив по завршувањето на епидемијата ќе продолжат да го носат ова чувство во себе. Некои од нив ќе почувствуваат и проблеми со менталното здравје и по епидемијата, односно да пројават симптоми на анксиозност или на опсесивно-компулсивно однесување поттикнато од ирационалниот страв од бактерии и зарази, но и од појавата на мутирани видови на коронавирусот, предупредуваат психолозите.
извор: novamakedonija.com.mk