Пекарницата се вика Југославија и се нудат пецива од поранешните југословенски простори! Ретките колачи во срцето на Азија се прават со традиционални семејни рецепти на Митре и Катерина Крајоски, пренесени низ генерациите.
Пекарница која служи Eвропски пецива е невообичаена за Сингапур. Уште поретко е тоа што се вика „Југословенска пекара“, по земја што повеќе не постои. Пекарата е отворена од македонските сопружници Митре Крајоски (53) и Катерина Крајоски (39), кои сакаат да ја пренесат традиционалната храна од својата татковина на локалното население.
Парот кој има две деца – својата приказна ја почнал со отварање на кафуле во трговскиот центар Катонг минатиот јули, по што го прошириле својот бизнис на втора локација во трговскиот центар Citylink во април оваа година. „Ова не е вообичаена комерцијална пекара. Ги следиме домашните рецепти за кои е потребно подолго време да се направат, но се се подобри“, вели Митре за 8days.sg. „Постојат слатки кои обично се прават кога има прослава“.
Во нивната пекарница имаат традиционални специјалитети од цела поранешна Југославија како на пример бурек- пециво со потекло од Отоманската империја. Има и бајадера, хрватска пралина од темно чоколадо, обложена со лешници.
Иако парот потекнува од Македонија, Митре вели дека го додал „Југославија“ на името на неговата пекара бидејќи неговите колачи се од „цела Југославија -Србија, Босна и Хрватска“.
Поради тоа што во минатото Србија и Македонија биле под Отоманската империја - сега денешна Турција - вообичаено е да се најдат и турски јадења во југословенската кујна. Во нивните пекари, Митре и Катерина служат и домашна баклава.
Македонски дуќанџии
Митре работи како комерцијален пилот на авионот Боинг 777 на Сингапур ерлајнс. Тој се преселил во Сингапур пред 17 години за да заврши пилотска обука. Неговата сопруга Катерина е дипломиран економист на Универзитетот во Македонија.
„Катерина ми рече дека не сака да работи во канцеларија. Нејзината страст беше пекарството, па решивме да отвориме пекара“, вели Митре, кој и помага на својата сопруга во нивното кафуле секогаш кога не лета.
Изгледот на пекарниците
Продавницата која е направена во рустикален стил, има 22 маси, има ѕид од вештачки тули украсен со фотографии на претседателот на СФРЈ Тито. Просторот е малку „похипстерски„ од многуте кафулиња во кои сме биле во поранешната Југословенска Република Хрватска, но сепак зрачи со пријатна домашна атмосфера.- вели Митре.
Изберете сами колачи
Она што овде го сметаме за шармантно и симпатично Сингапурско, е концептот за самопослужување во пекарницата, а колачињата се претежно погодни за вегетаријанци. Катерина и нејзиниот кујнски тим секојдневно прикажуваат огромен избор од речиси 20 видови колачи и слатки, а клиентите треба само да земат дрвен послужавник и прибор, да изберат што сакаат да јадат и да платат на шалтерот.
Вреди да се напомене дека Југословенските колачи не се супер меки и „флафи“ како азиските пецива. „Повеќето од луѓето во Сингапур прават мек леб со различни филови“, истакнува Митре. Неговите колачи главно го следат традиционално погустиот европски стил, за кој Митре и Катерина поминаа една година експериментирајќи со брашно и млеко од локално потекло за да го добијат вкусот на нивниот роден крај.
Митре вели дека планира да отвори пет филијали низ островот, вклучително и централна кујна која ќе може да ги снабдува сите негови продажни места. Тој, исто така, се надева дека ќе добие доволно работна сила за да ангажира Српски пекар, што би можел да го обучи персоналот од Сингапур да подготвува печива од овие простори.