Сточарите кои сакаат да инвестираат во мандри, односно во капацитети за преработка на млеко во сирење можат да побараат финансиска поддршка од платежната агенција. Право на овие субвенции имаат сточарите кои одгледуваат овци и кози и се запишани во регистарот на Mинистерството за земјоделство. Пријавувањето е електронски и трае до 20-ти мај годинава..
Најмногу до 600.000 денари финансиска поддршка им следува на сточарите кои сакаат да вложуваат во преработка на млекото во сирење.
Средствата се наменети за инвестиции во мандри и тоа за изградба, реконструкција и за адаптација на објекти. Парите може да ги искористат и за набавна на опрема за преработка на млекото.
Услов е фармата да одгледува најмалку 150 овци или 50 кози и земјоделското стопанство да биде евидентирано во регистарот на министерството за земјоделство.
Субвенцијата се исплаќа по принципот на ко-финансирање од 50 до 75 проценти по реализацијата на деловниот план и на годишно ниво.
Апликациите се пополнуваат електронски со податоци за инвестицијата и за локацијата, потоа се печатат и заедно со потребната документација се поднесуваат до платежната агенција. Барањата се бодуваат, а оние со ист број бодови се рангираат според времето и датумот на поднесувањето.
Земјоделците можат да поднесат само едно барање за една мерка или најмногу 2 од другите мерки од програмата за рурален развој. Јавниот повик трае до 20-ти мај.
извор: mrt.com.mk