Или Морина – 13 годишен математички гениј од Скопје не е момче што времето го поминува надвор играјќи фудбал со врсниците
Тој има 13 години, живее во скопската населба Шуто Оризари и скоро секој момент го поминува решавајќи задачи по математика и физика. За разлика од своите врсници, благодарение на своето знаење следи настава за осмо одделение наместо за седмо. Помош од него бараат студенти од Северна Македонија, но и од светот.
Во недостаток на соодветно адаптирана настава и книги според неговите потреби и талент, Или знаењето морал да го надополнува на интернет следејќи професори од странство. А, неговата мајка Имране, за да може да му помага, се решила да ја промени својата кариера и се откажала од студиите по медицина. Таа вели дека Или знаел да чита и да пишува уште кога бил многу мал. На само четири години се заљубил во математиката и од тогаш не престанал да решава задачи, па така почнал и јавно да го споделува своето знаење и сам почнал да си снима едукативни видеа.
„Кога имав девет години отворив канал за задачи по математика. На почетокот поставував полесни задачи. Но, кога ги работев, не бев сигурен па прашував еден професор од Косово, професорот Скендер Кастрати. Потоа додека се консултирав со него почнав задачите што ги учам да ги ставам на Јутјуб. Но, гледав и други професори од Индија, од Пакистан, од Америка, од Косово, од каде што можев. Задачите кои ги поставуваа тие, јас ги работев и ги ставав на Јутјуб. Така учев. Потоа почнав да работам со професорот Муса Зука и вежбав со него, и учествував на натпревари“, рече Или.
До сега тој освоил неколку први места на општински, државни и регионални натпревари. Но, тој се гордее и со успехот на студентите кои ги подучува.
„Студентите ми пишуваат кога имаат потреба, околу два, три пати во неделата. Имаат успеси. На пример, двајца студенти што ги подготвував за испити по математика, положија. Еден од нив е од Косово, а другиот од Африка, на него му помагав за задачи со лимити“, рече Или додавајќи дека до сега тој напишал и две збирки со задачи кои сè уште не се објавени.
Сега, Или се надева дека ќе успее своето образование да го продолжи во математичка гимназија, наместо уште една година да тапка во место учејќи ги материјалите од основно, кои веќе ги знае.
Мајката на Или вели дека често како родител се соочува со проблем заради непостоењето адаптирана програма за талентирани деца.
извор: meta.mk