Поимот „биолошка бесмртност“ означува намалена клеточна деградација, или стабилна клеточна активност после значително долг временски период, а понекогаш и во текот на целиот животен циклус.
Ви претставуваме шест суштества што достигнуваат толку длабока старост, што би можеле да се наречат „биолошки бесмртни“.
Јастог
Јастозите не покажуваат знаци на стареење и со децении живеат заедно. Иако се знае дека јастозите најчесто умираат од болест, а не од старост, малку е познато дека тие можат да се размножуваат до последниот здив. Јастозите всушност се пофертилни колку што се постари. Интересно е дека староста на јастозите се пресметува според нивната големина- колку што е поголем јастогот, толку е постар.
Сплескани црви
Сплесканите црви, особено планариите, имаат извонредни способности за регенерација – способност целосно да го обноват изгубеното ткиво или да создадат две посебни единки кога ќе се преполоват. Фактот дека тие живеат со стабилно ниво на теломераза (ензим кој ја помага клеточната делба со што овозможува постојано одржување на теломерите) им овозможува на овие црви слободно да се наречат бесмртни.
Морски мечиња
Морските мечиња претставуваат милиметарски 8-ножни водени организми, кои можат да преживеат во секакви услови. Можат да преживеат интензивна вселенска радијација, огромен притисок во длабочините, екстремни темературни разлики, како и сурови пустински услови. Тие можат да го контролираат и да го стопираат метаболизмот, да ја исфрлат целата вода од организмот и да останат дехидрирани цели 10 години.
Медузи
Еден вид медуза, позната како „Turritopsis dohrnii“, преку процес на трансдиференцијација може неограничено да поминува назад и напред од фаза на полип до фаза на развиена медуза. На тој начин, возрасната медуза може да ги обнови клетките, враќајќи се во состојба на тридневена полипоидна фаза, со што се подмладува.
Желки
Истражувачите откриле дека телото на желката може со децении да не претрпи никакви промени во функцијата или способноста за репродукција, доколку не се изложи на повреди или болести. Најдобар пример за ова е Адвејта, џиновска желка од фамилијата Алдабра, која достигнала возраст од 255 години. Починала во 2006 година како последица од рана на телото здобиена после кршење на оклопот.
Хидра
Исто како и сплесканите црви и хидрата има способност да се регенерира и да го продолжува животот. Се наоѓа во слатките води, повеќеклеточна е и поседува радијална симетрија. Со константната клеточна делба ги поништува биолошките дефекти, што го спречува губењето на теломерите, односно преносот на генетските информации од ДНК до иРНК, што ја прави биолошки бесмртна.