СЕ ВРАЌА ДОВЕРБАТА ВО ДЕНАРОТ - во април денарски штедни влогови не само што не се повлекуваа, туку и се вратија назад 17 милиони евра во банкарските канали
Ова секако е резултат и на фактот што првата монетарна куќа во земјава, Народната банка, покажа дека успешно го брани девизниот курс, и покрај војната во Украина, која донесе значително поскапување на увозот, а со тоа и поголема потреба од трошење на девизни резерви, но и покрај бројните шпекулации кои се појавија во поглед на стабилноста на домашната валута, кои предизвикаа потреба од интервенции на НБМ со девизни резерви на менувачкиот пазар.
Податоците кои ги објави централната банка за април говорат дека денарските штедни влогови на домаќинствата во тој месец се зголемиле за близу 17 милиони евра во однос на претходниот месец, што е многу значајно ако се има предвид дека според статистиката на НБМ, во март имало значајно намалување на денарските штедни влогови, и тоа за дури 159 милиони евра за само еден месец.
Или, вкупните депозити на домаќинствата во април во однос на март се зголемени за 42,7 милиони евра.
На крајот на април граѓаните во домашните банки чуваат вкупно 4,94 милијарди евра, од кои во денари се 2,33 милијарди евра, додека, пак, во странска валута се штедат вкупно 2,61 милијарди евра.