Од денеска не важи времената мерка за ограничување на маржите во малопродажбата како и кај трговијата на големо. Владата реши да не ја продолжува оваа превентивна мерка. Заклучно со вчера маржите во малопродажба беа ограничени на пет насто кај лебот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло за јадење и сончогледовото масло за јадење, млекото, свежото месо и сувомеснатите производи.
На оваа листа беа и сирењето, урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата како и овошјето и зеленчукот. Од министерството за економија посочија дека нема простор за продолжување на оваа мерка, со оглед на фактот дека на тој начин би можело негативно да се влијае врз работата на компаниите од преработувачката индустрија и од трговската дејност. Од Народната банка смируваат и велат дека овој ценовен шок нема да биде драстичен.
По глобалниот раст, меѓународните институции очекуваат стабилизирање на цените на енергенсите и на храната, односно на увезената инфлација, а најверојатно надолен притисок врз цените ќе предизвика и промената во однесувањето на потрошувачите. Согласно со овие очекувања, се предвидува стабилизирање на инфлацијата на околу 3% следната година.
извор: slobodnaevropa.mk