Општина Центар за првпат и за време на летниот распуст обезбедува лични асистенти во домашни услови кои ќе им помагаат на учениците со попреченост во развојот. Воедно Општина Центар е првата општина во државата која им дава поддршка од овој тип на учениците со пречки во развојот кои ги посетуваат основните училишта во Центар.
„Од ова лето, осум стручни лични асистенти ќе водат грижа за 14 дечиња со попреченост во развојот. Нивна задача е да им помагаат на децата и нивните родители во дневното извршување на обврските и да се грижат за нормално одвивање на секојдневието на децата. Личните асистенти ќе ги посетуваат домовите на учениците три пати во неделата. Воедно сакам да им се заблагодарам на сите кои се вклучени во реализацијата на овој проект, особено асистентите, кои навистина вршат една многу корисна и благородна активност“, известуваат од општина Центар.
Личните стручни асистенти, имаат за цел со употреба на различни модули да им дадат поддршка на сите деца во оваа целна група во повеќе насоки, и тоа: инклузија на децата со попречености во образовниот систем; подобрување на нивната социјална интеграција; поддршка при совладувањето на образовните содржини и олеснување на движењето и пристапот низ училишните простории.