На пазарот на поштенските услуги во државава во 2021 година е забележан континуитет во растот на обемот на пакетите. Обемот на пакети е 4.832.940, кои сочинуваат 12,8 проценти од вкупниот обем на поштенски пазар, најмногу до сега, покажуваат податоците на Агенцијата за пошти (АП).
Според АП, зголемување на бројот на пакети е во корелација со забрзаната промена на потрошувачките навики поради пандемијата, каде се поголем број на потрошувачи ја користат електронската трговија, при што доставата на купената стока најчесто ја обезбедуваат давателите на поштенските услуги. Во иднина се очекува и натамошен раст на побарувачката на овие услуги.
Обемот на пакети кај давателите на поштенските услуги на слободниот пазар, во 2021 година бележи 38,7 проценти зголемување во однос на 2020 година.
Од вкупниот обем на поштенски пратки на давателите на поштенски услуги на слободниот поштенски пазар, 66,7 проценти е остварен од поштенската услугата – пакети.
Во 2021 година се забележува зголемување на обемот на пакетите кај давателот на универзалната услуга АД „Пошта на Северна Македонија” во однос на 2020 година и тоа за 43 проценти. Зголемување на обемот на пакетите, како што информира АП, е во чекор со трендовите и сѐ поголемата побарувачка на онлајн услуги. Со оглед дека АД „Пошта на Северна Македонија” имаше опаѓање на овие услуги наназад во годините, ова зголемување значи дека давателот на универзалната услуга е сѐ повеќе насочен кон нови услуги согласно побарувачката на пазарот.
Од вкупниот обем на поштенски пратки на давателот на универзалната услуга, 0.42 проценти е остварен од поштенската услугата – пакети.
Генерално, давателите на поштенските услуги на слободниот пазар имаат удел од 97 проценти во поштенската услуга – пакети, и со тоа го имаат приматот во обезбедување на оваа поштенска услуга.