Од следната академска година Македонскиот јазик ќе можат да го изучуваат сите студенти на Истанбулскиот универзитет.
Со заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) од следната академска година, македонскиот јазик ќе можат да го изучуваат сите студенти на Истанбулскиот универзитет, коишто се заинтересирани за македонистиката.
До сега, македонскиот јазик можеа да го изучуваат само студентите на Факултетот за литература, а од есен, преку нови предмети во четири семестри, македонистиката ќе можат да ја изучуваат студентите од сите факултети.
„Минатата година, кога одбележавме 35 години од отворањето на лекторатот по македонски јазик во Истанбул, сè обврзавме дека соработката ќе ја продлабочиме и дека ќе продолжат вложувањата во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката на Истанбулскиот универзитет. Драго ми е што годинава, она на што се обврзавме следејќи го и заветот на Блаже Конески, веќе се остварува. Со можноста македонистиката да ја изучуваат студентите од сите факултети на Истанбулскиот универзитет, се покажува дека искажаната взаемна решеност не е само формална, туку суштинска, втемелена на одличната повеќедецениска соработка помеѓу двата универзитета, пред сè во сферата на македонистиката.“ – истакна директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по повод новите перспективи за македонистиката на Истанбулскиот универзитет.
Таа и упати благодарност до своите колеги од Истанбул.
„Од името на МСМЈЛК при УКИМ, искажувам благодарност до раководителката на Одделот за словенски јазици, проф. д-р Емине Инанир и до раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Туркан Олџај, затоа што застанаа зад иницијативата, со тоа потврдувајќи дека поддршката за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура е непрекината и се зголемува. Но, морам да го истакнам и влогот на новата лекторка, д-р Габриела Ивановска, којашто и ги подготви предметните програми за новите предмети. Радува фактот што за неколку месеци, преку новите предмети, на Истанбулскиот универзитет, заинтересираните студенти од сите факултети не само што ќе можат да го изучуваат и надрадуваат знаењето на македонскиот јазик, туку на соодветно академско ниво потемелно да се запознаат и со севкупната македонска култура. Уверена сум дека нема да запреме тука!“ – нагласува Мојсова-Чепишевска.
Програмите по новите предмети од областа на македонистиката се осмислени во насока на промоција и популаризација на македонистиката, при што сите заинтересирани студенти ќе можат потемелито да се запознаат и со македонската книжевност, филм, музика итн., во еден поширок културолошки контекст. Истовремено, на Факултетот за литература ќе продолжи наставата и по предметите коишто се изучуваа и досега, при што како учебници се користат изданија подготвени од МСМЈЛК при УКИМ.
Инаку, годинава, во текот на летниот семестар, повеќе од 50 студенти на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет следеа предмети од областа на македонистиката. Имајќи ги предвид новите можности од следната академска година, се очекува бројот да биде поголем. Но, клучно, радува што интересот за македонистиката не запира само во рамките на студиите, туку продолжува и понатаму, што се потврдува и преку интересот на студентите на Истанбулскиот универзитет и за учество на претстојната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.
Активностите на МСМЈЛК при УКИМ за зајакнување и афирмација на македонистиката на големите универзитетски центри продолжуваат.