Министерството за животна средина и просторно планирање, Јавната Установа Национален Парк Маврово и граѓанските организации што работат на заштита на природата, на работен состанок, се согласија дека е потребно итно репрогласување на Националниот Парк Маврово.
Сите сме соласни дека на НП Маврово му е потребна итна и сеопфатна заштита која што ќе се обезбеди со обновување на студијата за валоризација од 2012 година и конечно носење на законот за репрогласување на паркот. На овој начин ќе се овозможи изработка на план за управување по највисоки меѓународни стандарди, што пак ќе отвори можности за нови и одржливи начини на финансирање на работата на паркот, рекоа од Министерството.
Меѓу работите што беа дискутирани на состанокот беше и важноста за рано вклучување на локалното население во постапката, идентификување на можности за економски развој на регионот согласно начелата за заштита на природата, и задржување на традиционалните активности како главни двигатели на локалниот развој.
Како потенцијален проблем се нагласи важноста да се спречи понатамошна деградација на природните вредности на паркот до неговото репрогласување.