Од денеска треба да бидат ставени во функција наплатните рампи Преод и Кадрифаково на автопатот Миладиновци - Штип. На наплатните рамки, како што најави Јавното претпријатие за државни патишта, целосно ќе функционира електронскиот систем за наплата на патарина.
Оттаму во четвртокот информираа дека првите две ленти од десно ќе бидат за возилата кои користат М-таг електронски уред со кој се поминува со намалување и успорување на брзината на движење на возилото и без запирање, додека на останатите ленти покрај наплата во готово, може да се употреби и М-смарт картичката.
Наплатните станици Преод и Кадрифаково имаат по седум наплатни кабини. За патарините ќе треба да се издвојуваат по 50 односно 70 денари.
Кај Кадрифаково патарината ќе се плаќа 50, а онаа кај Преод ќе ве чини 70 денари.
Миладиновци - Штип го скратува патувањето од Скопје до Штип за околу половина час во должина од 47 километри, а за негова изградба беа вложени 177 милиони евра. Автопатот почна да се гради во февруари 2014 година и оригинално требаше да биде готов до март 2017.