Шпанската влада одлучи на сите граѓани од 1 септември до крајот на годинава да им овозможи бесплатен железнички превоз во возовите кои сообраќаат на кратки и средни релации за патувањата до 300 километри. Популарниот потег доаѓа во период на криза во земјата поради зголемените трошоци за живот за граѓаните.
Социјалистичката влада одлучи попустите од 100 отсто да важат за билетите со повеќе возења (посебните билети за најмалку 10 возења) во приградскиот железнички сообраќај во градовите, но и за ваквите билети за возовите кои сообраќаат на средни растојанија до 300 километри.
Брзите возови на долги релации во Шпанија не се вклучени во оваа мерка на шпанската влада, исто како и билетите за едно возење. Покрај шпанските граѓани, бесплатниот превоз ќе можат да го користат и туристите.
„Знам дека платите покриваат сè помалку и дека е тешко да се стигне до крајот на месецот“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез, додавајќи дека е свесен за тешката ситуација во која се наоѓаат граѓаните поради инфлацијата.
Оваа мерка на шпанската влада претставува надополнување на претходната одлука објавена минатиот месец, со која централната влада договори попуст висина од 30 отсто на целиот јавен превоз, вклучувајќи метро, автобуси и трамваи.
Ваквата мерка се очекува да ги смали трошоците за транспорт на шпанските граѓани, иако дел од јавноста веќе критикува дека шпанската железничка инфраструктура не е подеднакво развиена низ целата земја, особено во северозападните делови на Шпанија, каде не постои развиен приградски железнички превоз.