Човештвото заклучно со денешниот ден ги има потрошено сите природни ресурси што годишно може да ги обезбеди планетата Земја, така што влегува во „еколошки долг“ два дена порано отколку лани.
Глобална мрежа за истражување „Глобал футпринт нетворк“ што секоја година го пресметува тој датум, соопшти дека на глобалната популација за обнова на се се она што го троши и е потребен биокапацитет од 1,75 од Земјата.
Три милијарди луѓе живеат во земји што произведуваат помалку храна отколку што консумираат и заработуваат помалку од светскиот просек, се наведува во извештајот.
Во соопштението се посочува дека 60 отсто од еколошкиот отпечаток на планетата се состои од емисии на јаглерод диоксид и дека тие мора да се сведат на нула до 2050 година за да се избегнат брзите климатски промени.
Фактот дека пречекорувањето на ресурсите трае веќе 50 години значи дека вкупните годишни дефицити создадоа долг за животната средина еквивалентен на 19 години планетарна регенерација.
Пресметано е дека доколку човештвото го пролонгира датумот на надминување на ресурсите за шест дена секоја година, до 2050 планетата ќе ги обезбеди сите потреби на населението на Земјата. Што се однесува на поставените цели за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, датумот би морал да се одложи за десет дена.
Извештајот нагласува дека постојат многубројни и економски исплатливи можности за постигнување на тие цели. Меѓу препорачаните се мерки за двојно намалување на отпадот од храна, подобрување на велосипедската инфраструктура и производство на повеќе електрична енергија од ветер.