Ер Србија планира да отвори летови до Хавана и Чикаго
Во јули, Ер Србија откажа помалку од 0,3 отсто од вкупниот број летови, што е значително помалку од другите авиокомпании, а некои од овие откажувања беа наметнати еднострано од различни аеродроми, изјави денеска за Блиц директорот на Ер Србија, Јиржи Марек.
„Сакаме да ги надминеме резултатите кои ги имавме пред епидемијата и тоа најдоцна во 2023 година“, рече Марек.
Тој наведува дека веќе имаат 30 отсто повеќе чартер летови во однос на 2019 година, што го смета за доказ дека луѓето се желни за патување, а побарувачката за туристички дестинации е голема.
„Пред сè, зборуваме за летови до популарните туристички пазари, како што се Шпанија и Италија, а резултатите на тие дестинации ги надминаа нашите очекувања“, рече тој.
Марек вели дека Ер Србија се одлучила за проширување на сообраќајот на долги релации со балансиран пристап кон исток и запад.
„Проширувањето на исток во моментов е ограничено поради пандемијата, така што ќе се отвори една линија кон Кина - до Тијанџин, со можност подоцна да се воспостават специјални летови до Пекинг и Шангај. Кога станува збор за западот, дополнително ќе го зајакнеме нашиот сообраќај кон САД од април следната година, со воспоставување директни летови до Чикаго“, рече тој.
Тој додаде дека за 2023 година се планирани летови до десет нови дестинации.
„Истовремено, почнуваме да размислуваме за долги летови до одредени егзотични дестинации. Размислуваме за опции и кон исток и кон запад, а една таква дестинација која се чини се поизвесна за претстојната зимска сезона е Хавана. " рече тој.
Тој потсети дека летовите за Њујорк функционираат од 2016 година и дека линијата е зрела и профитабилна, а досега има превезено околу 400.000 патници.
Како посебни доблести на компанијата Марек ги посочува приспособливоста и флексибилноста, поради што брзо можат да ги зголемат или намалат капацитетите, а посочуваат дека имаат доволно работна сила.
Тој додава дека Ер Србија неодамна објави конкурс за вработување на кабински персонал, подготвувајќи се за нови дестинации, а за два дена се пријавиле над 200 кандидати.
Тој наведува дека Ер Србија е дел од напорите во воздухопловната индустрија насочени кон заштита на животната средина и одржливост.