Железниците на Федерацијата Босна и Херцеговина планираат повторно да го воспостават патничкиот сообраќај на релација Сараево - Загреб со нов возен ред, објави компанијата.
Воспоставувањето на сезонскиот патнички воз Сараево – Плоче – Сараево, кој започна со работа на 1 јули годинава, целосно ги оправда очекувањата на компанијата.
Тој воз сообраќа само во петок, сабота и недела, а во петте викенди од јули се превезени вкупно 2.102 патници. Сообраќајот на тој воз продолжува до 11 септември годинава.
Железниците на Федерацијата БиХ во првите шест месеци од годинава превезеле 173.688 патници, што е за 205,23 отсто или 116.784 патници повеќе во споредба со истиот период во 2021 година кога биле превезени 56.904 патници.
Зголемување на бројот на патници е забележано на сите железнички линии, односно на сите линии што ги поврзуваат Сараево и другите дестинации како Чапљина, Коњиќ, Пазариќ, Маглај, Високо и Зеница.
извор: biznisinfo.mk