Додека пред седум години 71 отсто од тинејџерите во САД користеа Фејсбук, денес тој број е намален на само 32 отсто.
Познато е дека Facebook има големи проблеми со тинејџерите кои одамна почнаа да ја напуштаат платформата и ги префрлија своите активности на TikTok, Snapchat и Instagram, но само една неодамнешна студија покажа колку малку млади луѓе ја користат мрежата на Цукерберг. Според истражувањето на Pew Research Center спроведено во САД, но чии резултати веројатно може да се применат и на други пазари, само 32 отсто од младите на возраст меѓу 13 и 17 години користат Фејсбук.
За споредба, резултатите од истото истражување спроведено во 2015 година покажаа дека тогаш 71 процент од тинејџерите користеле Фејсбук. Но, со текот на годините, Фејсбук станува сè попопуларен меѓу постарите корисници, а многу млади повеќе не сакале да ја користат истата мрежа каде што се нивните родители, тетки, чичковци и баби и дедовци и често се исклучително активни. Едноставно веќе не беше кул, па му покажаа палци надоле на Цукерберг.
Фејсбук се обиде да ја доближи својата мрежа до младите со некои опции, особено со воведувањето на кратки видеа по примерот на TikTok, но се чини дека компанијата неповратно ја загуби битката за младите.
Додека Фејсбук во голема мера е заобиколен, друга платформа е најпопуларна меѓу младите – YouTube. Дури 95 отсто од анкетираните ја користат оваа видео услуга, додека 19 отсто од нив се на YouTube „речиси постојано“. Втората најпопуларна платформа меѓу младите е, не е тешко да се погоди, TikTok, која ја користат 67 отсто од тинејџерите, од кои 16 отсто од нив гледаат видеа и вести на неа речиси постојано. Инстаграм е на трето место (62 отсто од младите го користат, а 10 отсто од нив го користат речиси постојано), додека Снепчет е на четврто место со 59 отсто. Потоа следат Twitch (20 проценти), WhatsApp (17 проценти), Reddit (14 проценти), Twitter (10 проценти) и Tumblr (9 проценти).
Повеќе од една третина од анкетираните тинејџери во ова истражување признале дека поминуваат премногу време на социјалните мрежи, а 54 отсто од нив признале дека тешко би се откажале од социјалните мрежи.