Според последните информации, FIAT во скоро време нема да го претстави наследникот на моделот Punto, а производствените погони од кои 13 години излегуваше нивниот претставник во В сегментот ќе бидат прилагодени за идното производство на вториот SUV модел на Maserati.
Прекинот на производството на Punto беше најавено на почетокот на јуни, кога раководството на групацијата Fiat-Chrysler го изложи петгодишниот план во кој најмногу се споменувани новите модели на Alfa Romeo и Jeep.
Првата генерација на Punto која се произведуваше од 1993 до 1999 година ја освои наградата “Европски автомобил на годината” во 1995 година и одлично се продаваше на пазарот ширум светот, а познатата компанија Bertone произведе 55 илјади примероци со мек покрив на расклопување.
Втората генерација на популарната “Точка” беше претставена кон крајот на 1999 година и во продажба (како поевтина верзија) остана пет години по претставувањето на третата и последна генерација Punto, која премиерно се појави во 2005 година. До 2012 година, автомобилот го носеше името Grande Punto.
Без значајни технолошки подобрувања, Punto во последните неколку години сè повеќе заостануваше зад некои конкурентски модели, а последниот “шамар” пристигна од EuroNCAP, бидејќи според актуелните нормативи Punto во симулација на различни судари не освои ниту една ѕвездичка.
infomax.mk