Како се борат жителите на САД со високата инфлација
Жителите на Јужна Калифорнија ја поминуваат границата со Мексико за да одат во набавка на основните животни намирници и да заштедат пари, во периодот кога има рекордно ниво на инфлација во САД - пишува Нова Македонија. Инфлацијата во земјата во јули се намали на 8,5 отсто, а тоа е рекордно историско ниво во последните 40 години. Жителите на мексиканскиот град Тихуана велат дека таму секојдневно одат многу Американци за своите неделни резерви со храна да ги дополнат со поевтини намирници од продавниците во Мексико. Млекото е поевтино за 50 отсто, додека тоалетната хартија е поевтина за четири долари во мексиканските продавници, пренесува „Њујорк пост“.
Дејвид Мекарти, жител на местото Чула Виста, јужно од Сан Диего, редовно патува до Мексико, кое е на дваесет минути од неговиот дом. Тој и сопругата го паркираат автомобилот на граничната рампа, ја поминуваат границата пеш и одат до првиот маркет во пограничниот мексикански град Тихуана.
Инфлацијата во САД минатиот месец бележи намалување, со пад на цената на горивата, но притисокот од порастот на цените и натаму е присутен, поради растот на цените на енергентите во светот поради војната во Украина, пишува „Волстрит џурнал“.
Индексот на потрошувачките цени во јули остана непроменет, откако бележеше континуиран раст во последните 25 месеци. Во јуни годинава беше забележана најголемата инфлација во САД од ноември 1981 година. Базната инфлација што ја мери промената на цените на енергентите и храната падна минатиот месец на 0,3 отсто, во споредба со нејзиниот раст во јуни од 0,7 отсто.
Цените на храната во јули пораснале за 1,3 отсто во однос на претходниот месец и за 13,1 отсто во споредба со минатата година. Ова е најбрз годишен раст од 1979 година. Високата инфлација е нуспродукт на брзиот американски раст во САД по падот поради епидемијата од ковид-19, за што влијаеле ниските каматни стапки и субвенциите од Владата на САД.
Целиот текст е на novamakedonija.com.mk