За да се купи стан во Скопје потребни се од 117 до 211 просечни плати, или вкупната заработувачка на едно лице од приближно 10 до 17,5 години. Податоците се врз основа на движењето на цена на квадрат од 1000 до 1800 евра зависно од локацијата и општината во Скопје и просечната исплатена нето плата во државава во јуни годинава во износ од 31.869 денари (518 евра). Во градовите од внатрешноста македонските граѓани може да дојдат до ново живеалиште и со вкупната заработувачка од седум години, пишува libertas.mk
Анализата што ја направи МИА, според податоците од тековните огласени цени за становите на продажба преку агенциите за недвижности по случаен избор, покажува дека стан од 60 квадрати на најатрактивните локации во Скопје кој се продава по цена од 1800 евра чини 108.000 или 208 просечни плати, што е над 17 години работа, доколку се плати во готово.
За стан во Центар од 60 квадрати, со цена од 1.600 евра по метар квадратен, се потребни 96.000 евра, односно 185,3 просечни плати или примања во рок од 15 години. За стан со истата квадратура во населбата Капиштец по цена од 1200 евра, треба да се одвојат 72.000 евра, односно приближно 140 просечни плати или да се работи над 11 години. За стан од 60 квадрати во градба во Општина Кисела Вода, огласен со цена од 1400 евра за метар квадратен треба да се платат 84.000 евра, односно 162 плати или 13,5 години работа. Доколку некој се одлучи за стан со таа површина, но по цена од околу 1000 евра по квадрат што во огласите може да се најде во само во периферните населби, ќе треба да одвои 117 плати, односно да ги штеди сите примања речиси 10 години.