Долготрајното и широкораспространето загадување на животната средина ќе стане ново кривично дело – Екоцид.
Долготрајното и широкораспространето загадување на животната средина ќе стане ново кривично дело – Екоцид, доколку се усвои актуелниот предлог текст на новиот Кривичен законик, а ќе се казни со доживотен или најмалку десет години затвор.
Во делот на еколошкиот криминал, oсвен тоа што се воведуваат некои целосно нови членови се врши и допрецизирање на некои постоечки, а во насока на усогласување со европското законодавство.
Загадувањето на воздухот, водата и почвата сега во пракса добива конкретни и мерливи вредности над кои тоа станува кривично дело, па така со членот 289, со кој се доуредува стариот член 218, досегашното „во поголем обем“ и „надмине дозволената граница“ се конкретизира со „во најмалку двојно поголемо количество од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот“ за што се предвидува казна затвор од една до три години. Доколку загадувањето е „во петкратно поголемо количество“ и казната се зголемување на од една до пет години.
Тој што на овој начин ќе предизвика „сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни“ ќе се казни со затвор од три до десет години.
Досегашниот член 218 дополнително се доуредува, па се предвидуваат казни од три месеци до пет години за „производство, трговија или употреба на супстанци кои ја осиромашуваат озонската обвивка“.
Со новиот предлог текст на Кривичниот законик и бучавата станува кривично дело, па така со новиот предлог член 309 – „тој што спротивно на прописите ќе произведе бучава, вибрации или нејонизирачко зрачење и со тоа ќе создаде чувство на вознемиреност или ќе го загрози здравјето на луѓето ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“
Новиот предлог Кривичен законик беше отворен за коментари на ЕНЕР – Единствениот национален електронски регистар на прописи, а според најавите од Министерството за правда до крајот на годината се очекува тој да биде разгледан и усвоен од Владата и доставен до Собранието.
Доколку се прифати оваа верзија на предлог-законот, освен екоцид, има и други измени и допрецизирања низ целата глава 25 – Кривични дела против животната средина и природата, и тоа од уништување насади со употреба на штетна материја, узурпација и бесправно градење на простор што е природна реткост или под приврмена заштита, па се до промена на воден режим, пустошење шума, незаконит лов и риболов, како и загрозување на животната средина и природата со отпад.
Високи казни како превентива, но и механизам сите да носат одговорност за штетите на околината
Од членовите на работната група за делот еколошка правда, кои работеле на новиот предлог Кривичен законик, екоцидот се вбројува во листата на најтешки кривични дела бидејќи претставува масовно уништување на животната средина (извршени со умисла).
-Во пракса би значело пожари на шуми, излевање на нафта/ хемиски отпад, дренирање на блатски екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејствија или пропуштање на дејствија кои би довеле до масовно уништување на екосистеми. Со еден збор уништување на природата до степен од кој за жал не би постоела можност за повторно обновување на растителниот и животинскиот свет, велат од групата.
Целиот текст може да го прочитате ТУКА: nezavisen.mk