На прагот на новата грејна сезона, за граѓаните е важно да знаат кој тип на дрво најдобро го затоплува домот. Во време на енергетска криза луѓето треба да знаат како да добијат максимум за парите кои ќе ги потрошат за купување на дрва.
Не сите видови на дрва имаат иста енергетска моќ. Наставникот по стручни предмети од областа на шумарската струка и дипломиран шумарски инженер, Горан Сакалиев вели дека граѓаните генерално се запознаени со карактеристките на дрвата за огрев кои ги набавуваат. Тој предност дава на буката како дрво кое може добро да го загрее домот во зимски услови.
„За загревање на домот, прво треба да имаме добра изолација на станбениот простор, па потоа може да разговараме на таа тема. Доколку сакате да се загреете, секако сите тоа го сакаме, по мое искуство во областа на шумарството поголема енергетска моќ има буката. Буката полесно согорува од дабот, а и многу брзо ја постигнува посакуваната температура во домот. Искуството кажува сè. Луѓето доволно се запознаени кое е најдобро дрво за загревање на домот, но тргнуваат од тоа дали сакаат да заштедат пари или сакаат да се стоплат. Тука како трет дрвен вид, можам слободно да кажам дека габерот има најголема енергетска моќ, но не препорачувам да се греете само на габер. Ќе прашате зошто? Доколку се греете само на габер за година или две вашето грејно тело ќе се стопи. Што значи тоа? Решетката за задржување на дрвата ќе почне да се свиткува или во најлош случај да се растопи. Затоа е многу добро само 10 отсто од сите дрва кои ви се донесени во домот да ви се габер и да можете да ги мешате за да го немате тој проблем“, вели Сакалиев.
Советува дека е најдобро граѓаните дрвата да ги набават во месец мај-јуни, за да имаат време да се исушат и да можат да се греат со нив во есенските и зимските месеци.
За граѓаните кои купуваат дрва за огрев, а не се стручни, советува добро да внимаваат и да ја проверат испратницата која ќе ја добијат, на чие име гласи, да ја проверат количината на дрвната маса и да не доволат да бидат изманипулирани со тоа што е метар кубен, а што метар просторен.
Оваа година за разлика од претходните, цените на дрвата за огрев скокнаа за 20 отсто.
Од ЈП„Национални шуми“ соопштија дека се зголемил бројот на граѓани кои оваа зима ќе се греат на дрва. Тие годинава планираат да произведат околу 400.000 м3 огревно дрво, што е за 50.000 м3 повеќе од минатата година.