Општинските власти во населба на Атина обезбедуваат бесплатно огревно дрво на прагот на грејната сезона. Иницијативата предизвика голем интерес во време кога домаќинствата кај нашиот јужен сосед ги трпат последиците од наглото поскапување на струјата.
Жителите на населбата Зографу во грчката престолнина побрзаа во општинскиот парк за да набават бесплатно огревно дрво. За транспорт се користат приватни автомобили.
„Ќе го користиме шпоретот на дрва, кој главно само ќе ја загрева дневната соба бидејќи топлината не допира до останатиот дел од куќата. Ќе користиме и електрично ќебе, мала клима, ќе се снајдеме некако“, коментира Илиас Пападимитропулос.
Од исечени гранки во пошумен општински парк се обезбедуваат 20 тони дрва. Иницијатор на проектот за чистење на паркот е локална еколошка организација.
„Наместо целото дрво од сечењето дрвја во оваа област да оди на отпад, ние ги здруживме силите со локалните жители. Ја исчистивме шумата, а луѓето ќе добијат помош за зимата“, вели Нико Киусис, претставник на невладината организација.
Поради енергетската криза, нарачките за огревно дрво во регионот на Атика започнаа веќе во јули годинава, а во моментов има листа на чекање од најмалку 20 дена.
„Единственото греење што го имаме е ова дрво. Ништо друго. Имам неколку електрични шпорети кои ќе биде навистина тешко да се вклучат оваа година бидејќи не можеме да си дозволиме да ја платиме струјата“, вели Параскеви Галари, жителка на Атина.
Само од крајот на август огревното дрво поскапе за 20-30%, а луѓето стравуваат од ново поскапување како што се приближува зимата. Дистрибутерите исто така имаат потешкотии да најдат место за складирање на дрвото. Околу 70% од дрвото е од Грција, а останатите 30% доаѓаат од балканските земји.