Трговското здружение од Солун им предлага на продавниците во градот поради енергетската криза и за заштеда на енергијата, од следниот понеделник да затвораат порано, односно во 19 часот.
Конкретно, предлогот е продавниците во вторник, четврток и петок да работат од 10 до 19 часот, а во понеделник, среда и сабота од 10 до 16 часот.
-Поради проблемите создадени од енергетската криза и непредвидените тешкотии на претстојната зима, поради намалувањето на прометот на пазарот и барањето на владата за намалување на потрошувачката на електрична енергија, Управниот одбор на Трговското здружение на Солун одлучи да предложи намалено работно време за продавниците во попладневните/ вечерните часови, пишува во соопштението.
Претседателот на здружението Панделис Филипидис за солунскиот портал „Гртајмс“ објаснува дека се усогласуваат со владините упатства за 15 отсто намалување на потрошувачката на електрична енергија и ја спроведуваат во пракса, но истакнува дека кон оваа препорака треба да се придржуваат и големите трговски центри.
-Ние даваме предлог согласно тоа што законски го бара владата, но или сите заедно се трудиме или никој. Ќе видиме како ќе се движи пазарот во првата недела, објасни Филипидис.