Најновите истражувaња од експерти во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ покажуваат дека воспоставувањето на централно греење зависно од ТЕЦ Битола не е нај исплатливото и најефикасно решение за граѓаните. Студијата којашто ги истражува алтернативите за индивидуално и централно греење за Битолскиот Регион, препорачува поврзување на фотоволтаични системи со инвертер клима уреди за индивидуални куќи и колективни згради коишто ќе овозможат поголеми заштеди на енергија и намалени трошоци за граѓаните.
Системот за централно греење кој е зависен од ТЕЦ Битола е повеќедецениски проект којшто сè уште не е спроведен заради несоодветно планирање. Анализите од студијата на Еко-свест и мрежата CEE Bankwatch Network сугерираат дека достапноста на нови технологии базирани на обновливи извори го прават овој проект скапа и неисплатлива инвестиција.
Ваквото прво практично применливо истражување од овој тип кое дава алтернативи на постоечките и планирани застарени технологии за загревање на домаќинствата во земјава. Дополнително, ова се решенија што може да се применат и стимулираат на краток рок, а позитивниот ефект врз енергетскиот систем, животната средина и здравјето на луѓето да е долготраен. Локалната и централната власт, доколку се посветени на декарбонизација на економијата и заштеда на енергијата, треба сериозно да ги разгледаат ваквите препораки и забрзано да ги применуваат за да се амортизираат негативните последици од енергетската криза.
На почетокот на ноември ќе биде објавена финалната студија со сите детали и можни сценарија за ваквата трансформација на системите за греење.
Извор: turlitava.com