Приватните автобуски превозници од „Макекспрес“ ја остварија вчерашната најава со која автобусите со броевите 19, 20, 52, 54 и 22 од утрово нема да превезуваат патници. Со тоа жителите кои ги користат услугите на приватните превозници од Шуто Оризари, Ржаничино, Волково и Колонија Идризово останаа без превоз.
Од „Макекспрес“ велат дека автобусите не превезуваат патници поради неможноста на возачите да ги покријат дневните трошоци за гориво, кои се појавија како последица на нередовнста исплата од страна на Град Скопје односно ја ЈСП „Скопје“ за услугата кои тие ја вршат.
– Во моментот ЈСП „Скопје“ ни должи 30 милиони денари. Ние немаме средства за да ставиме гориво во возилата и поради тоа нашите автобуси од утрово не превезуваат патници, истакна Милорад Димитриевски од „Макекспрес“.
До сега немало никаква реакција од Град Скопје за надминување на овој проблем кој трае подолг временски период. Се бара исплата на долгот за август, септември и октомври и да се почне со редовна исплата на неделните аконтации за извршен превоз.
-Станува збор за секојдневен трошок од стотици евра што на име на гориво го имаат превозниците, а при тоа не ги добиваат парите за извршената работа. Во изминатиот период се соочивме со непријатна ситуација, дел од возилата од линиите 19 и 20 да се исклучат од сообраќај, рече Димитријевски.
Од ЈСП „Скопје“ денеска соопштија дека тие ќе вклучат дополнителен број на автобуси за на тој начин да ги „покријат“ линиите на кои приватните автобуски превозници од „Макекспрес“ не возат
– ЈСП „Скопје“ од утринава вклучува свои возила на линиите кои ги опслужува „Макекспрес“, односно скопјани не останаа без превоз на линиите на кои вози посочениот приватен превозник, информираат од Јавното сообраќајно претпријатие.