Дури и според најдоброто сценарио на ОН, до 2050 година една третина од градот основан од Александар Велики на делтата на Нил ќе биде под вода или нема да може да се живее во него. Еден и пол милион од неговите шест милиони жители ќе мора да ги напуштат своите домови.
Древните урнатини и историски споменици во градот се исто така во голема опасност од Средоземното Море. Стотици жители веќе мораа да ги напуштат домовите кои беа поткопани од поплавите во 2015 и 2020 година. Секоја година, градот тоне за повеќе од три милиметри поради браните на Нил кои ја задржуваат речната тиња која некогаш ја зацврстувала почвата, и поради екстракција на гас од морското дно.
Во исто време, нивото на морето се зголемува поради глобалното затоплување. Средоземното Море може да се зголеми за еден метар во рок од три децении, според најлошите предвидувања на климатскиот панел на ОН IPCC. Ова ќе поплави „третина од високопродуктивното земјоделско земјиште во делтата на Нил“, како и „историски важните градови како Александрија“, се додава.
Експертите на ОН велат дека нивото на Средоземното Море ќе се зголеми побрзо од речиси секое море во светот.
„Климатските промени се реалност, повеќе не е празна закана“, рече Ахмед Абдел Кадер, шеф на египетската агенција за заштита на крајбрежјето. Дури и во најдобар случај, Средоземното Море ќе се подигне за 50 сантиметри до 2050 година, според други египетски студии и студии на ОН.
Александрија тогаш би била 30 отсто поплавена, четвртина од населението би морало да се пресели, а 195.000 би останале без работа. Таквата катастрофа ќе има драматични последици за 104-те милиони жители на Египет, бидејќи Александрија е дом на најголемото пристаниште во земјата и еден од главните економски центри, рече Кадер.
Богатото историско наследство на Александрија е особено ранливо. Најекспонирана е тврдината Мамлук Каитбај од 15 век, изградена на земјиштето каде некогаш се наоѓал познатиот светилник, едно од седумте чуда на древниот свет. Бидејќи постојано е под удар на бранови, поставен е насип од 5.000 огромни бетонски блокови за да го заштити.
Уште повеќе насипи го штитат шеталиштето покрај морето од 19 век. Уништувањето и реконструкцијата не се ништо ново за градот во кој некогаш се наоѓала библиотеката во Александрија, најголемиот храм на знаење во светот, кој случајно бил запален од војниците на Јулиј Цезар.
Ниту нејзиниот современ наследник, блескавата градба на шеталиштето закосена како сончев диск кон морето, ниту остатокот од градот не може да се остави на воден гроб, рече Кадер. „Западот има морална одговорност: мора да помогне да се потиснат негативните последици од климатските промени, кои се резултат на неговиот цивилизациски и индустриски модел.
Египет ќе инсистира на таа порака на конференцијата на ОН за климатски промени COP27, која ќе биде отворена на 6 ноември во Шарм ел Шеик.
Извор: kajgana.com