Ова е приказна за две дами Елена и Велика сопственички на Маркев ДОО Скопје увозниците на очилата Баренер. Нивната приказна е инспиративна, неверојатно мотивирачка но и поучна. Ако се сака сé се може дури и кога светот ќе запре. Компанијата со многу ентузијазам ја формирале и отвориле во февруари 2020 година за веднаш на почеток да им се случи тоа што ни на сон не можеле да замислат - пандемија. Но за откажување не ни помислувале, нарачката била направена, производите тргнати на пат да стигнат во земјава и тоа што им останувало било само позитивна мисла и верба во подобри времиња, што и се покажало со влезот на Барнер очилата во земјава...
Разговараме со Велика Гоцевска, ко-сопственик на Маркев ДОО Скопје и Елена Штерјов, ко-сопственик на Маркев ДОО Скопје.
Иако ве препознаваат по вашите брендови, првенствено по Барнер очилата вашата компанија носи сосема друго име..
Елена: Да, сите не препознаваат по очилата за заштита „Барнер“ или „Банз“ заштитните производи за дечиња, за кои сме генерални увозници и дистрибутери, но бидејќи нашата компанија е во приватна сопственост го носи името МАРКЕВ.
Раскажете ни нешто за идејата и почетоците кој е концептот на компанијата и кои ви се улогите во истата?
Велика: После долгогодишно работење во неколку дистрибутивни компании, идејата за започнување сопствен бизнис дојде не толку планирано колку што во вистински момент се појави Banz, вистински бренд со уникатни производи на пазарот и предизвикот да се донесе нешто ново кај нас не смееше да се испушти. Кратко после тоа го “пронајдовме” Barner, производ кој се позиционира високо поради својот квалитет и потреба, па се нанижија уште неколку брендови.
Внимателно одбираме каков бренд и производ ќе застапуваме, зошто вложуваме максимално, со идеја на купувачите да им понудиме нешто потребно, уникатно и пред сé квалитетно. Јас и Елена сме сопственици и управители на компанијата МАРКЕВ со поделени улоги, но со иста цел!
Има ли некое значење името?
Елена: Идејата за името на нашата компанија дојде од буквите на имињата на нашите деца (мојата ќерка и синот на Велика).
Компанијата ја формиравте во февруари 2020 година непосредно пред пандемијата па во време кога сè запре вие почнавте со продажба и тоа со продукти како пто се: (очила за сонце и костими за капење) кога сите бевме затворени во карантин?. Како не потклекнавте?
Велика: Точно, компанијата веќе беше формирана, ние имавме потпишан договор со Banz и првата нарачка веќе беше на пат кога се прогласи пандемија, стратегијата спремна и немаше назад. Се сеќавам кога отидовме во банка да ја платиме првата нарачка, луѓето во паника, ние уплаќаме за производи чија намена беше за надвор, заштита од сонце.
Веројатно и не бевме свесни дека пандемијата ќе трае толку и дека ќе следат карантини и затворени граници за летни дестинации. Го издржавме тој период некако со промена на стратегијата која ја прилагодивме на условите во тоа време. Набрзо после тоа се појави Barner, очилата чија намена е заштита од екрани, и во тој период се чини тоа беше полн погодок имајќи предвид дека во време на пандемија сите бевме затворени дома, изложени на 70% повеќе работа пред екрани, се работеше онлајн од дома, сите состаноци се одвиваа пред екрани и самото тоа придонесе за уште поголема потреба за ваков производ кој го олеснува секојдневието и го подобрува здравјето.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате на пазарот?
Елена: Искрено, бидејќи сме компанија која е основана за време на КОВИД и во време кога СÉ беше затворено ние го направивме првиот увоз со добра мисла и голема надеж дека ќе успееме и еве сме скоро три години. Сакам да потенцирам дека ова е најголемиот предизвик со кој сме се соочиле.
Исто така еден од поголемите предизвици за нас како компанија беше да организираме состанок каде ќе ги презентираме новите производи на пазарот кои се познати во странство, додека пак во нашата земја не толку, односно никој не беше слушнал за нив. Тука повторно морам да ја потенцирам упорноста. Упорност и само упорност. Како викаат старите „Кога ќе се фатиш на орото ќе го играш до КРАЈ“.
Паралелно одите и со онлајн продажба но и со продажба низ продавници. Имаат ли македонците поголема доверба во онлајн продавниците?
Велика: Пандемијата во тој поглед доста придонесе за развивање на онлајн продажбата. Во тој период доста луѓе за прв пат нарачаа нешто онлајн и кога еднаш ќе пробаш и ќе видиш дека е безбедно после полесно се одлучуваш. Да, мислам дека македонците сега имаат поголема доверба во онлајн продавниците, тука мислам на оние со веб продавници, но не и за оние кои продаваат само врз основа на слика и преку порака на социјални мрежи.
Колку беше тешко да се едуцира народот за потребата од очилата Барнер?
Елена: Па би рекла дека не беше многу тешко, односно едуцирањето одеше прилично брзо бидејќи народот сака квалитетни производи и производи кои ќе му помогнат да функционира во секојдневието. Тука Барнер се погоди како одлична понуда за која немаше ниту еден негативен коментар, секако тука морам и да издвојам дека најдобар маркетинг е задоволниот купувач.
Раскажете ни нешто повеќе за очилата и зошто треба да ги има секој?
Велика: Barner очилата се всушност очила за луѓе кои не носат очила. Без диоптрија или со, имаат висока заштита од сино-вииолетова и лед светлина, која ја зрачат екраните на сите дигитални уреди, лесни за носење, не прават никаков притисок кај носот и ушите. Треба да ги има секој зошто 90% од луѓето кои поминуваат повеќе од 3-4 часа дневно пред екрани , чувствуваат симптоми од новата “дигитална болест” а тоа се: главоболки, печење и црвенило на очите, лош сон, а сетоа тоа води до лошо расположение па дури и анксиозност и депресија. Со “Барнерките” главоболките исчезнуваат, очите се одморени и се подобрува сонот, што влијае на целокупно подобрено здравје кај корисникот.
Каде сè ги има очилата и како може да се купат?
Елена: Очилата можат да се купат од нашите веб страни www.screenglasses.mk и www.urbanlife.mk, но можат да се купат и во дел од продажните места на Нептун, iStyle и оптика Визус.
Освен Барнер имате и други брендови кои се тие?
Велика: Како што спомнавме, Banz е нашето прво “бебе”, после тоа дојде Barner и некако се насочивме на производи, аксесоари кои го подобруваат дигиталниот живот на урбаниот човек. Urbanista аудио бренд од Шведска беше наш следен бренд, кој се двои од другите со тоа што тие се први и единствени во светот кои лансираа слушалки за над и за во уво кои се полнат на сончева енергија, и најнов бренд како дел од нашето портфолио е Bombata , италијански чанти за преносни компјутери и таблети како и документи, многу колоритни дезени и врвен квалитет.
Вашето мото е да донесте еден урбан стил во секојдневието на луѓето дали успевате во вашата мисија?
Елена: Секако дека успеваме - Да, барем јас мислам така. Морам да кажам пред да донесеме нешто размислуваме да биде иновативно, различно нешто што ќе допринесе олеснување за секојдневните обврски нешто што ќе биде и со урбан стил и пред сé со најдобар квалитет.
Кои се вашите идни планови?
Велика: Не се залетуваме, сакаме да чекориме полека но сигурно. Целта ни е да бидеме стабилни, соработките кои ги имаме остварено во моментов се дел од нашите идни планови како и проширување на портфолиото со нови иновативни производи кои ќе го олеснат секојдневието на човекот.
Што би им порачале на некои кои сега се на почеток во креирање на нешто ново, како да бидат упорни и истрајни?
Елена: Би им препорачала да бидат упорни. Упорност и само упорност се разбира проследено со добра мисла и надеж.
Не кажувам дека ќе им биде лесно, но им гарантирам нема никогаш да се покаат за бизнисот што сакале да го отворат, за идеите што сакале да ги реализираат. Многу е поубаво кога се презема акција отколку само да се зборува, затоа кажуваат – „делата повеќе зборуваат од самите зборови“.
Велика: Да не се сомневаат во своите идеи и замисли, и во способноста дека може да ги остварат истите. Можеби почетокот е тежок, но ништо убаво и стабилно не се случува преку ноќ, потребна е многу работа, труд, посветеност и резултатот ќе дојде сам по себе. Само храбро и среќно на сите кои се на почеток на нешто ново!
Ви посакуваме уште многу иновативни и креативни успеси за безброј среќни и модерни клиенти!