Во услови на енергетска криза кога поради недостиг или висока цена на енергенсите се бараат алтернативни начини за затоплување на домовите, се очекува грејна сезона во која ќе се користи секаков вид огревен материјал што ја зголемува можноста од појава на пожари. Дополнителен предизвик се неисчистените оџаци и несоодветното користење на ложиштата.
Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје очекуваат зголемување на бројот на интервенции на затворен простор. Во изјава за МИА, командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, апелира да не се импровизира, да се внимава при ракувањето со печките за греење и навреме да се исчистат оџаците.
Бројот на интервенции на противпожарната служба во главниот град засега се движи во рамки на годишниот просек (1.200 на годишно ниво), но забележително е зголемување на бројот на пожари на затворен простор кои опфаќаат повеќе од две-третини од вкупниот број на пожари.
– Во 99 проценти од случаите, причина за пожарите е човечкиот фактор. Апелираме сите недостатоци да се отстранат што е можно поскоро бидејќи имајќи предвид дека е енергетска криза очекуваме грејна сезона во која ќе се гори се и сешто. Луѓето ќе се обидуваат да се затоплат, велат од Територијалната противпожарна единица.
На последниот јавен повик за обука на оџачари пријавени само шест кандидати.
Со оглед на тоа дека според најавите не очекува најтешката зима во изминатите години и дека ќе се гори секаков запалив материјал за да се загреат домовите, побаравме одговор од Град Скопје колку лица досега се обучени од јавните повици за оџачари што градот ги спроведуваше изминатите години.
Оттаму не информираа дека досега се обучени 25 оџачари, а на последниот повик пријавени се само шест кандидати за кои обуката е во тек со што вкупниот број би се искачил на 31.
Во тек е и јавниот повик од Градот за користење на субвенции за годишно одржување и чистење на оџаците. Од 22 јуни кога беше објавен повикот досега доставени се над 250 барања. Можноста за аплицирање трае до 30 овој месец, а субвенциите се однесуваат на жителите на град Скопје односно од оштините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај.