Железници на РСМ-Транспорт го подготви новиот возен ред за 2023 година, кој стапува на сила на 11 декември годинава.
Експресниот воз за Белград нема да сообраќа и наредната година, додека за пуштање во сообраќај на најавениот воз од Скопје за Солун и Истанбул се чека на согласноста на Грчките железници.
„Со новиот возен ред не е предвиден сообраќај на меѓународниот патнички воз Белград – Скопје – Солун и обратно, поради тоа што не се отстранети причините поради кои е во прекин сообраќајот, а тоа е реконструкцијата на пругата помеѓу Ниш и Брестовац“, информираат за Мета.мк од Железници на РСМ-Транспорт.
Со отпочнувањето на градежните работи на железничката линија меѓу Ниш и Прешево, пред околу две години беше укинат и експресниот воз што ги поврзуваше Скопје и Белград.
Сепак, од Железници на РСМ-Транспорт оставаат можност за воведување на нов експресен воз од Скопје кон Солун и Истанбул, доколку се постигне договор меѓу трите национални железнички компании низ кои ќе минува возот. Директорот на Железници на РСМ-Транспорт есенва беше во Турција, на која меѓу другото, се разговарало и за ова прашање.
Сепак, од најавите дека би можело со новиот возен ред да се воведат прекугранични патнички возови меѓу Битола и Лерин во Грција засега нема ништо. Грција треба да ја реконструира пругата од Лерин до грчко-македонската граница за да може евентуално да се разговара за пуштање во сообраќај на возови меѓу двата града. Инаку, од македонска страна има по три пара возови на релацијата Скопје-Битола-Скопје, а од грчка страна има по два пара возови дневно меѓу Лерин и Солун, при што ваквата ситуација остава простор за идна соработка за поврзување на Битола и Лерин со прекугранични возови.
Инаку, во новиот возен ред што стапува на сила на 11 декември нема да има промени во сообраќајот на патничките возови, додаваат од Железници на РСМ-Транспорт. Во сообраќај ќе има по два пара возови меѓу Скопје и Гевгелија, три пара возови меѓу Скопје и Битола, четири пара возови меѓу Скопје и Куманово и девет пара возови меѓу Скопје и Велес.
Од јануари до септември годинава во земјава со воз патувале околу 274.000 патници, што е повеќе од вкупниот број на патници превезени во 2021 година.
И покрај зголемениот број на патници во 2022 година, гледано од историска перспектива, користењето на најеколошкото средство за масовен превоз на патници бележи тренд на опаѓање на бројот на патници, но и на вкупниот број на возови кои сообраќаат. Во периодот пред 2015 година, со воз на годишно ниво во земјава патувале и над милион патници, додека во периодот на Југославија железницата бележела и по над 6 милиони превезени патници со тогашните возови.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА: meta.mk