Хрватска може да се гордее со приклучувањето кон еврозоната и Шенген зоната бидејќи ќе привлече инвестиции, ќе помогне да се отворат работни места и да расте економијата, а исто така може да стане европски енергетски центар од обновливи извори, рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во интервју за Хина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е во посета на Хрватска на Нова година, на денот кога се креваат рампите и се укинуваат контролите на границата со Словенија и Унгарија и кога се воведува заедничката европска валута, еврото.
Во одговорите на прашањата на Хина, Фон дер Лајен нагласува дека хрватските граѓани многу напорно работеле за тој ден да дојде.
„Знам колку напор беше потребен за да се исполнат сите услови за влез во Шенген и да се спроведат реформите неопходни за влез во еврозоната. Можете да бидете горди на тоа“, рече таа.
Со ова, Хрватска ја комплетира својата целосна европска интеграција, рече таа, и „нејзините граѓани можат да уживаат некои од најдобрите придобивки што може да ги обезбеди нашата Унија“.
„Патување без контроли на внатрешните граници и преминување кон валута која ќе привлече повеќе инвестиции и ќе создаде работни места и ќе го поттикне растот“, рече фон дер Лајен.
Таа истакна дека ова не само што е големо достигнување за Хрватска, туку и уште еден доказ за силата и единството на Унијата.
„Со Хрватска во еврозоната, 20 земји-членки на ЕУ и 347 милиони граѓани на ЕУ ќе ја делат заедничката валута на ЕУ. Ова ќе ни даде уште поголемо влијание на меѓународната сцена“, рече таа.
Таа, исто така, истакнува дека проширената Шенген зона ќе ја направи Европа посилна и попросперитетна, зближувајќи ги луѓето и олеснувајќи го бизнисот, рече таа.
„Значи накратко: Европа ја прави Хрватска посилна. И Хрватска ја прави Европа посилна“.