Оздемир произведува историски и карактеристични кваки, шарки, брави со цел да го зачува архитектонскиот карактер на оваа област. Месното население му го дало прекарот „бравар на УНЕСКО“. Сите делови од вратата се претвораат во уметнички дела од неговите вешти раце.
Хусеин Сахин Оздемир, кој веќе 44 години прави брави за историски куќи во областа Сафранболу во Карабук, сака да го пренесе своето знаење на идните генерации. „Ова го работам со страст, среќен сум во работата. Ќе работам онолку колку што можам“, вели 60-годишниот Оздемир.
Својата кариера како чирак ја започнал на 16-годишна возраст во историската Демирчилерска чаршија во Сафранболу, која има историја долга три илјади години и е дом на многу цивилизации, позната по своите гостилници, џамии, фонтани, мостови и замоци од отоманскиот период.
Последниот претставник на својата професија, со бравите што ги прави ги украсува големите и колоритни врати на историските вили високи речиси четири метри. Бравите на Оздемир, кои можат да се видат во многу турски региони, го привлекуваат вниманието на домашните и странските посетители.
Оздемир за Anadolu Agency изјави дека ковањето е неговиот детски сон. За кратко време стигна до титулата мајстор: „Поминаа 44 години. Среќен сум кога доаѓам на работа. Луѓето ја напуштаат работата за да бидат среќни, да се одморат, а јас доаѓам на работа за да бидам среќен“.
Оздемир особено се фокусирал на изработка на брави. „Во многу региони на Турција има предмети и заштитени подрачја во сопственост на УНЕСКО. Одвреме-навреме се обновуваат. Јас извршувам метални работи на нив. Нашите предци ковале метални делови, рачно бидејќи тогаш немало технологија. Она што нашите предци го правеле тогаш,можеме да го правиме сега. Затоа што денес сме побогати со сите вештини наследени од дедовците".
Оздемир продолжува: „Прававме по три брави дневно, но тоа се намали на две или една“.
Нагласувајќи дека сака својата работа да им ја пренесе на идните генерации, Оздемир рече: „Искрено сакам оваа професија да продолжи на ист начин. Но, моментално нема таков ентузијазам кај младите”.
Младоста сака лесни пари. Но, младите мора да научат занает и да започнат сопствен бизнис. Тие мора да се снаоѓаат сами“, рече тој.