Прочитајте: Менаџер работел само три месеци, а за тоа добивал по 150.000 долари дневно
Во 2022 година, отворени се 8.665 нови фирми, а во 2021 година биле отворени 8.662, покажуваат податоците од БизнисМрежа.мк, ажурирани до 16-ти јануари.
Порталот Пари направи анализа кога се отворале најмногу фирми, кои градови лани станале интересни за нови инвестициони вложувања, и какви фирми по обем се отвориле.
НАЈМНОГУ НОВИ ФИРМИ ВО АВГУСТ И ВО СЕПТЕМВРИ, СЕ „РАЗБУДИЈА“ МИКРОБИЗНИСМЕНИТЕ
Податоците покажуваат дека најмногу фирми се отвориле во септември – 1.497, што е 17,3 отсто од сите новоотворени фирми. Залетот на инвестициона активност бил во август, кога се отвориле 1.179 компании.
Новоосновани компании (по месец на основање)
01.01.2022 ‒ 31.12.2022
МЕСЕЦ | НОВООСНОВАНИ КОМПАНИИ |
Јануари | 692 |
Февруари | 560 |
Март | 687 |
Април | 599 |
Мај | 600 |
Јуни | 615 |
Јули | 563 |
Август | 1.179 |
Септември | 1.497 |
Октомври | 637 |
Ноември | 580 |
Декември | 456 |
Зголемената активност во однос на отворањето на компаниите не е многу вообичаена за летниот период, па се наметнува прашањето што е тоа што го мотивирало инвестициското вложување во нови компании токму во август и во септември.
Податоците од БизнисМрежа.мк покажуваат дека во цела 2021 година речиси сите фирми (освен 6) се микрофирми. Микрофирми, пак, се оние кои имаат до 10 вработени и до 50.000 евра годишен бруто-приход. Ако, пак, се анализираат податоците од Државниот завод за статистика, може да се забележи дека лани во август се намалил бројот на вработени во индустријата за 0,9 отсто во однос на август 2021 година, а во септември намалувањето е за 0,4 отсто. Ако се гледа и индустриското производство, во август има мал годишен раст од 0,2 отсто, додека во септември има годишен пад од 0,5 отсто.
Да потсетиме, Русија ја нападна Украина на 24-ти февруари. Оттогаш почна едно ново поглавје и темно сценарио за енергенсите. Во август, кога европските складишта се полнеа со гас, и кога поради тоа цената на електричната енергија го достигна врвот, во Македонија, значително повеќе отколку во претходните месеци, почнаа да се отвораат нови мали фирми.
ТРГОВЦИТЕ ПРЕДНИЧАТ ВО ОТВОРАЊЕ НА ФИРМИ
Податоците што ги анализираме покажуваат дека трговците се тие што во минатата година имаа најголем интерес за да отворат фирма. Во 2022 година има отворено 1.975 фирми во секторот Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли. Ова значи дека во овој сектор се 22,8 отсто од новоотворените компании. На второ место е секторот Услужни дејности, каде што се отвориле 1.059 фирми, односно 12,2 отсто од вкупниот број на новоотворени фирми. На третото место е Градежништво, со 817 фирми, или 9,4 отсто. На четврто место, пак, е Преработувачката индустрија, со 799 новоотворени фирми, или 9,2 отсто. Значи, овие 4 дејности: трговија, услужни дејности, градежништво и преработувачка индустрија, се „виновни“ за отворање на над половина од вкупниот број на фирми, или, тие имаат удел од 53,9 проценти.
ТОП 5 дејности со новоотворени фирми во 2022 година
ДЕЈНОСТ | НОВООТВОРЕНИ ФИРМИ |
Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли | 1.975 |
Други услужни дејности | 1.059 |
Градежништво | 817 |
Преработувачка индустрија | 799 |
Објекти за сместување и сервисни дејности со храна | 780 |
ВО КОИ ГРАДОВИ СЕ ОТВОРАЛЕ НАЈМНОГУ ФИРМИ?
Претходната година заврши со 5 градови кои и во 2021 година беа места каде што најмногу се отворале фирми. Во првата „петка“ лани беа: Скопје, Тетово, Битола, Куманово и Гостивар. Во 2021 година беа истите, но со малку променет редослед: Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Гостивар.
Во Скопје лани се отвориле 3.359 фирми, или 38,8 отсто од вкупниот број на фирми, а во 2021 година таму беа отворени 3.176 фирми, или 36,7 отсто од новоотворените фирми.
Во Тетово лани се отвориле 479 фирми, или 5,5 отсто од новоотворените фирми. Во 2021 година таму се отвориле 473 фирми, што е, исто, 5,5 отсто од новоотворените фирми.
Во Битола лани имало 415 новоотворени фирми, или 4,8 отсто од новоотворените фирми, додека во 2021 година таму имало 365 новоотворени компании, што е удел од 4,2 отсто.
Во Куманово лани се отвориле 382 фирми и со тоа нивното структурално учество е 4,4 отсто, додека во 2021 година се отвориле 416, или учество од 4,8 отсто.
Гостивар лани добил уште 324 нови фирми, што е 3,7 отсто од новоотворените фирми. Во 2021 година, таму се отвориле уште 308 нови фирми, што е учество од 3,5 отсто во новоотворените компании.
ТОП 5 градови со новоотворени фирми во 2022 година
ГРАД | НОВООТВОРЕНИ ФИРМИ |
Скопје | 3.359 |
Тетово | 479 |
Битола | 415 |
Куманово | 382 |
Гостивар | 324 |
Целата анализа е достапна на следниот ЛИНК.