За само четири месеци околу 200 средношколци и основци од градот Тетово се иселиле во странство. Тоа значи дека се затвориле околу 8 одделенија. Од секторот за општински дејности велат дека овие податоци се загрижувачки бидејќи училиштата ќе останат без ученици.
„На почетокот на второто полугодие побаравме информација од сите основни и средни училишта за тоа колку ученици имаат земено документ за трансфер во странство, при што од информациите од основните училишта, 143 ученици земале таков документ, додека од средните училишта 59 ученици и ако ги пресметаме овие бројки по бројот на одделенија, ако во едно одделенија има минимум 25 ученици, излегува дека имаме осум одделенија помалку“, вели Назми Даути.
Би можело да ве интересира: Се помалку ученици во Куманово, иселувањето најчеста причина
Само во средното медицинско училиште во првото полугодие заминале 8 ученици, а од јануари до крајот на 2022 година 13 ученици, вели директорот на училиштето, Биназ Пајазити.
„Од септември до декември од нашето училиште се иселиле 8 ученици и ако ја земеме предвид минатата година, која опфаќа од јануари до декември, вкупната бројка е 21 ученици. 8 од септември и 12 од јануари до јуни“, додава Биназ Пајазити.
Има случаи во тетовските планински села каде се затвараат одделенија поради недостиг на ученици, а оваа појава се случува во многу градови низ земјава, каде семејствата се селат заедно со нивните деца во западните земји заради подобар животен стандард.