Додека има проблеми во државата со производството на бел и полубел леб и додека имаме празни рафтови по маркетите, граѓаните дома можат самите да си замесат леб, можат да употребат интегрално или брашно од хељда, да направат проја, да подготват тестенини или како замена за лебот да консумираат ориз.
Нутриционистот Фани Гулевска вели дека најздрава варијатна е лебот од цело зрно, но како што вели со оглед на стандардот, повеќето граѓани не можат да си го дозволат. На луѓето им советува додека да се стабилизира состојбата со производството на лебот, да консумираат и пченкарно брашно.
„Луѓето можат да си купат или направат проја. Тестенините не се здрава варијанта, поради ниската нутритивна вредност, но додека да се среди ситуацијата, можат да си подготвуваат тестенини, при тоа да се внимава да не се претерува, да не ги внесуваат секој ден или трипати во денот. Јас како нутриционист и како човек за себе лично и моето семејство користам и тортиљи, затоа што можат да се потпечат, наполнат, но и нив да бидеме реални не може секој да си ги дозволи. Можат да размислуваат да си направат интегрален ориз или палачинки. Сварените житарки се исто така здрава опција“, вели Гулевска.
Владата реши од 1 март да ја „замрзне“ цената на лебот на 33 денари, по што главните компании решија да прекинат со производство и така да го покажат својот револт. Владата смета дека мерката е во корист на граѓаните, да се заштити стандардот, но од опозицијата обвинуваат дека власта ги остави граѓаните без леб. Дел од граѓаните купиле повеќе лебови за да имаат резерва. Пекарите се под лупа на инспекторите, а граѓаните на гугл пребарувале рецепти за подготовка на леб. Казни „заработија“ четири фирми, три од Скопје и една од Куманово. Владата донесе и нова одлука, со која пекарите ќе мораат да произведуваат бел леб и да го нудат по замрзнатата цена.