Статистичката агенција на Луксембург неодамна ги објави најновите податоци за разликите во платата помеѓу половите во земјата. Податоците покажаа дека жените заработуваат просечно 0,2 отсто повеќе за еден час работа отколку мажите во 2021 година.
Анализата се фокусира на приватниот сектор и го покажа напредокот во изедначувањето на приходите помеѓу половите од 2006 година, кога мажите заработувале 10,7 отсто повеќе од жените. Меѓутоа, овие цифри покажуваат само половина од целосната слика бидејќи ја покажуваат платата за еден час работа. Во Луксембург, над 30 отсто од жените се вработени на половина работно време.
Според статистичката агенција, просечната плата на жените ќе продолжи да расте и се проценува дека била повисока за 0,4 отсто во споредба со платата на мажите во 2022 година.
Можеби ќе ве интересира: Кој е најдобриот начин да добиете покачување на плата?
Истражувачите велат дека повеќе фактори играат улога во зголемувањето на просечната плата на жените. Во Луксембург, вработените со високо ниво на образование најчесто се поплатени, а жените просечно се пообразовани од мажите. Освен тоа, жените најчесто работат во гранки со релативно високи плати, како образование, здравство, финансии, истражувања, право итн.
Доколку се направи споредба помеѓу годишната заработка на мажите и жените, се добиваат различни податоци. Гледано годишно, жените заработуваат 13 отсто помалку од мажите. Покрај тоа, се забележуваат разлики од индустрија до индустрија. Мажите се поплатени во професиите поврзани со недвижности, финансии и осигурување и наука и технологија. Од друга страна, жените се поплатени во градежништвото, уметностите, забавата и рекреацијата и управување со отпад.
Извор: vecer.press