Советот на Европската Унија, денеска во прво читање, усвои став за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово најдоцна од 1 јануари следната година. Се уште се чека потврдата од Европскиот парламент за одлуката да биде конечна.
„Косово вложи големи напори за подобрување на својата безбедност, управување со миграцијата и усогласување со визната политика на ЕУ“, изјави шведската министерка за миграција Марија Малмер.
Граѓаните на Косово ќе можат, како и другите граѓани на земјите од Западен Балкан, да патуваат во ЕУ без визи и да престојуваат до 90 дена во кој било период од 180 дена.
Косово е последната земја на Западен Балкан на чии граѓани се уште им се потребни визи за влез во ЕУ.
Би можело да ве интересира: Расте цената на доматите – цената на килограм на големо од 130 до 150 денари
Одлуката ќе стапи на сила кога ќе стапи на сила новиот систем за информации и овластувања за патување без визи на ЕУ (ETIAS), или најдоцна на 1 јануари 2024 година.
ETIAS е систем за регистрирање на патници кои влегуваат во ЕУ без виза. Граѓаните на тие земји ќе треба да поднесат барање преку веб-страницата или мобилната апликација и да платат такса од седум евра пред да патуваат во ЕУ.
Одобрението ќе важи три години или до истекот на патната исправа.
Пред новите правила да бидат потпишани и објавени во Службен весник на ЕУ, тие треба да бидат усвоени од Европскиот парламент.