Сметките за комунални услуги, како струја, вода, телефон, парно греење, освен во банки како досега, ќе може да се плаќаат и во штедилници, продавници и маркети, како и во секое трговско душтво кое има дозвола од Народна банка за вршење на овие услуги.
Ова го предвидува новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој беше претставен викендов на работилница организирана од Народната банка.
Народна банка е уверена дека многу трговски друштва ќе го најдат својот интерес да се регистрираат за оваа услуга. Според Закон за платежни услуги и платни системи, правните лица што до денот на примената на овој закон давале платежни услуги (освен банките), должни се до 1 јануари 2024 година да поднесат барање до Народната банка за добивање дозвола за платежна институција. Разлика меѓу банките и платежните институции ќе биде само во тоа што вторите нема да можат да собираат депозити или да даваат кредити.
Со новата регулатива која стартуваше на 1 јануари годинава сите корисници на банки, но и на штедилници кои веќе може да добијат дозвола и за платежни услуги, може да добијат сметка со основни функции за најмалку 5 плаќања за месечен надомест од 31 денар.