Вработените во белгиската федерална влада повеќе нема да смеат да ја користат видеоапликацијата TikTok, која е во сопственост на Кинезите, на нивните официјални мобилни телефони, најави премиерот Александар Де Кро.
Де Кро објасни дека белгискиот совет за национална безбедност предупредил на ризиците поврзани со големиот број податоци што ги собира TikTok, кој е во сопственост на кинеската компанија ByteDance, како и фактот дека компанијата е обврзана да соработува со кинеските разузнавачки служби.
Можеби ќе ве интересира: Дали треба да се ограничи пристапот на социјалните мрежи за децата без соодветен надзор?
„Тоа е реалноста и затоа е логично да се забрани употребата на TikTok на паметните телефони обезбедени од федералната влада. Безбедноста на информациите е на прво место“, рече тој.
На ваквата одлука реагираа од TikTok со соопштение во кое се вели дека се разочарани од и дека одлуката се заснова на суштински погрешни информации. Компанијата објави дека складира кориснички податоци во САД и Сингапур и дека гради центри за податоци во Европа.
„Кинеската влада не може да ги принуди другите суверени нации да споделуваат податоци складирани на нивна територија“, рече портпаролот на компанијата.
Европската комисија и Европскиот парламент минатиот месец ја забранија употребата на TikTok на паметните телефони на нивниот персонал, загрижени поради можноста кинеската влада да собира кориснички податоци или да ги промовира сопствените интереси. Пекинг цело време негираше дека има такви намери.
Белгиската фламанска регионална влада исто така објави дека ќе го ограничи пристапот до TikTok на телефоните на своите вработени, а Де Кро ги повика и другите регионални влади да ги применат истите правила.