Велика Британија најверојатно денеска ќе објави забрана за користење на TikTok на официјалните мобилни телефони на државните службеници, по другите западни земји кои ја забранија апликацијата што доаѓа од кинескиот пазар.
TikTok се најде под лупа на јавноста поради стравувањата дека корисничките податоци од апликацијата, која е во сопственост на кинеската компанија ByteDance, би можеле да завршат во рацете на кинеската влада и со тоа да ги поткопаат безбедносните интереси на Западот.
Можеби ќе ве интересира: САД подготвуваат закон за забрана на ТикТок
Британскиот Национален центар за сајбер безбедност анализира дали е неопходно да се забрани користењето на TikTok на официјалните мобилни телефони, додека САД, Канада, Белгија и Европската комисија веќе ја забранија употребата на оваа апликација. На прашањето за можна забрана на TikTok, министерот за безбедност Том Тугендат рече дека разбирањето на предизвиците што ги претставува апликацијата е „исклучително важно“.
TikTok рече дека би бил разочаран од таквата забрана. Владата се очекува денеска да излезе со изјава за безбедноста на своите уреди.